2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина истакнатиот хрватски композитор Арсен Дедиќ

Почина истакнатиот хрватски композитор Арсен Дедиќ

are

Познатиот хрватски композитор, книжевник, преведувач, поет и кантавтор почитуван и на поранешните југословенски простори Арсен Дедиќ, почина во понеделникот попладнето во Загреб во 78-та година од животот.

Аресен Дедиќ пред две седмици беше примен на Клиничкиот болнички центар (КБЦ) во Загреб на одделот за интензивна нега на Интерната клиника поради сепса, откако му беше вградена протеза на колкот, потсетува агенцијата Hina. Имајќи предвид дека во 2004 година на уметникот во италијанска Падова му беше пресаден црниот дроб, и примаше имуносупресиви, Дедиќ бил изложен на поголем ризик од инфекции.

На Клиниката „Ребро“ е примен со симптоми на силна инфекција, а бил речиси без свест кога бил префрлен на одделот за интензивна нега. Жариштето на инфекцијата било на десната отечена нога, која била извор на сепсата.

Неофицијално, Арсен Дедиќ починал од застој на повеќето органи, како последица на сепсата и гангрена на цревата..

Арсен Дедиќ е роден на 28-ми јули 1938 година во Шибеник, каде завршил средно музичко училиште и гимназија, а во Заграб прво запишал правни студии. Но во 1959-та се запишал на Музичката академија на која по пет години дипломирал на флаута.

Неговата кариера траеше повеќе од половина век, како композитор, кантавтор, поет, писател, објавувајќи уште од дваесеттата година. Како солист дебитирал на Загрепскиот фестивал на популарна музика во 1963 година, а пред тоа настапувал како флаутист во поп и џез групи, пеел во неколку вокални состави.

Со композициите „Модерато кантабиле“ и „Куќа покрај морето“ од 1964-та го означува почетокот на својот музички опус и специфичен авторски израз. Компонирајќи главно шансони на тогашната југословенска сцена станува и препознатлив симбол на овој жанр, во кој се спојуваат двата негови главни изрази – композиторскиот и авторскиот.

Албумите „Човек како јас и „Арсен 2“ се паметат по некои од неговите антологиски песни како „Мојот брат“, „Сандра“, „Сé што знаеш за мене“, „Балада за минливоста“, а често компонира на стиховите на хрватските бардови како Ујевиќ и Крлежа.

До почетокот на 1980-година се афирмира и на меѓународната сцена, за што е добитник на престижните европски награди Prix Jacques Brel и Premio Tenco. Соработуваше и со прославените поети пејачи, како Серџо Ендриго, Џино Паоли и Булат Окуџава.

Во низата албуми, вкупно повеќе од четириесет, се истакнуваат „Хомо воланс“, „Се враќам“, „Повинција“, „Кино Слобода“, „Арсенал“, „Најдоброто до Арсен“, „Хербар“….Работеше и музика за театар, филм и за телевизија, а напишал партитури за околу 200 театарски претстави. Автор е на музика на стотина играни, анимирани и документарни филмови.

Книжевниот опус на Дедиќ се состои од 20 збирки песни, почнувајќи од фамозниот „Брод во шише“, неговата прва збирка која доживеа повеќе изданија и неколку десетици илјади продадени примероци.

Пишуваше музика и за многу други пејачи, во прв ред за неговата сопруга Гани Новак, а и аранажираше и продуцираше музика за далматинските клапи, сакрална музика и музика за деца.

Доби многу признанија за неговите музика и стихови, како во Хрватска, така и ширум поранешна Југославија.

Кон крајот на 2014 година го објави албумот „Сопатници“ кој го дефинираше како „омаж за себе, својот напор, желбата и луѓето кои му биле најблиски“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП