Цената на сировата нафта се стабилизираше денеска на светските берзи на најниско ниво за шест месеци, што се должи на променливите податоци од Кина, вклучително зголемениот увоз на нафта во јули и послабите податоци за вкупната трговска размена.
На лондонската берза цената на барелот остана речиси непроменета во однос на затворањето на крајот од минатата недела и изнесуваше 48,42 долари. Накратко се спушти и до 48,24 долари. Позначителни промени во цената денеска немаше ниту на американската берза каде со барелот се тргува по 43,69 долари.
На почетокот на неделата берзите беа фокусирани на податоците од Кина, кои покажуваат 4,1-отстотен раст на увозот на сирова нафта во јули на месечно ниво, но и 8,3 отстотен пад на вкупниот увоз. Загрижува и податокот дека производните цени во јули беа на најниско ниво од крајот на 2009 година.
„Берзата е повеќе насочена на општите кинески податоци кои се многу слаби…се чини дека економската во Кина и натаму забавува“, констатира Карстен Фрич, нафтен аналитичар во франкфуртски Commerzbank.
„Тоа ја притиска цената на нафтата и покрај тоа што увозот на нафта беше многу силен“, додава Фрич, кој претпоставува дека Кина веројатно го користи периодот на пониски цени на нафтата за да ги наполни залихите.
На почетокот на август се појавија сигнали за забавување на азиската побарувачка за сирова нафта, при што Оливие Јакоб од швајцарската консултантска компанија Petromatrix го издвојува фактот дека супертанкерот Sea King, кој во јули тргна во Јужна Кореја со пратка нафта од Сверното море, сега е стациониран во Европа.
Од друга страна се укажува на континуирана прекумерна понуда. Аналитичарите сметаат дека негативното расположение на нафтениот пазар ќе трае се додека понудата не биде прилагодена кон побарувачката.