Докапитализацијата на грчките банки ќе заврши до крајот на 2015 година, пренесува телевизијата Mega според која ваквиот рок бил споменат во петокот на средбата на челникот на централната банка Јанис Стурнарас со шефовите на мисиите на кредиторите во Атина.
Според извештајот, на состанокот присуствувале Деклан Костело, како претставник на Европската комисија, Расмус Руфер од Европската централна банка, Никола Џамариоло од Европскиот механизам за стабилизација и Делаја Велкулеску од Меѓународниот монетарен фонд. „Тие го разгледуваа распоредот на операциите за докапитализацијата на грчките банки“, кои настрадаа откако населението и компаниите масовно ги повлекуваа своите депозити од нив во очекување на можното сценарио за банкротирање на земјата и нејзино излегување од еврозоната, се наведува во прилогот.
Процените укажуваат дека оваа сума уште во ноември минатата година достигнала речиси 48 милијарди евра. Сепак, според сегашните пресметки за промената на структурата на капиталот во грчките банки, потребни се околу 25 милијарди евра.
„Стурнарас разговараше со челниците на мисиите на кредиторите за рекапитализацијата на грчките банки, што треба да биде завршена до крајот на 2015 година. Но, за да може да се изврши оваа задача до крајот на годината, ќе мора до октомври да се изврши ткн стрес-тест на банките, преку кој ќе бидат утврдени нивните точни потреби од капитал“, се наведува во извештајот на телевизијата.
Се очекува дека докапитализацијата ќе се врши според моделот на сличната операција којашто беше спроведена во Грција во 2012 година, кога клучната улога во дополнувањето на капиталот на банките го имаше грчкиот Фонд за финансиска стабилност. Државата тогаш во замена за доделените средства доби акции во банките воспоставувајќи контрола над нив, но финансиските институции добија право за подобрување на својата ликвидноста да ги откупуваат од државата своите акции.
По состанокот со доверителите, Стурнарас разговарал со министерот за финансии Евклидис Цакалотос за две сценарија на докапитализациајта. Според првото, и најпосакуваното, дополнувањето на средствата на банките ќе се врши од страна на Фондот за финансиска стабилност. Во тој случај, парите ќе ги распредели државата, со што целосно би била елиминирана опасноста од вклучување на акционерскиот капитал, имателите на обврзниците и големите депоненти. Второто сценарио за докапитализацијата на грчките банки, е тоа да се врши со средствата на Европскиот механизам за стабилизацијата (ЕMS).
„Дополнувањето на капиталот на банките преку ESM нема да го оптовари државниот долг на Грција, но сепак прописите коишто се одреден за користење средства од овој европски фонд се преиспитуваат, бидејќи за директната капитализација треба ‘кастрење’ за 8 отсто на вредноста на акциите, обврзниците и неосигурените депозити во износ до 100.000 евра“, истакнува телевизијата.
Целта на грчката влада е да се завршат сите неопходни процедури за докапитализација на банките до 2016 година, бидејќи од Нова година стапува на европската директива со којашто целосна гаранција ќе имаат депозитите во банките коишто нема да надминуваат 100.000 евра. За имплементација на оваа директива во грчкото законодавство неодамна гласаше парламентот.