21 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАОбјавена новелата „Време на тивки разговори“ од Ан-Лиз Гробети

Објавена новелата „Време на тивки разговори“ од Ан-Лиз Гробети

litera

Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна излезе од печат новелата „Време на тивки разговори“ на швајцарската писателка Ан-Лиз Гробети, во превод од француски јазик на Катица Гароска Ацевска.

Новелата за млади и возрасни „Време на тивки разговори“ (2001) е поетска проза за пријателството. Делото претставува ретроспективен опис на минатото, каде што нацизмот воопшто не е директно споменат, но е осудуван преку слики, метафори и со атмосферата што постепено станува сè потешка. Приказната ги нагласува улогата на јазикот и неговата манипулација што води до нетолерантност и до неприфатливост. Делото нуди интересна дихотомија меѓу поезијата, литературата, љубовта спрема пријателот (човекот) и нацизмот.

За делото „Време на тивки разговори“, кое е преведено на многу јазици, Ан-Лиз Гробети, во 2001 година, ја доби наградата „Сент Егзипери“, а подоцна и наградата „Сорсиер“.
Оскар и јунакот на приказната се вистински пријатели – како и нивните двајца татковци, вљубеници во добрата поезија кои ги врзува длабоко пријателство, кои сакаат да се смеат и да зборуваат до доцна во градината, да цитираат возвишени стихови на големи поети, а потоа и своите стихови… Но еден ден сè ќе се смени…

Оваа новела е одлично четиво за пријателство кое секогаш може да им се спротивстави на најлошите појави и да ги победи омразата и насилството. Таа е своевидна лирска балада за вистинското пријателство.

Ан-Лиз Гробети (1949 – 2010) е швајцарска писателка, родена во Шо де Фонд, а студирала литература и новинарство на универзитетот во Нојшател. По завршувањето на студиите, работела како новинар. Била политички ангажирана уште во младоста и во седумдесеттите години на 20 век девет години била пратеник на социјалистичката партија во собранието на кантонот Нојшател. Почнала да пишува многу рано и првиот роман, „Да се умре во февруари“, го издала на деветнаесет години, кога ѝ станала позната на читателската публика. За овој роман ја добила наградата „Жорж-Никол“. И следните нејзини дела – романи, новели и куси раскази – го постигнуваат истиот успех: наградата „Рамбер“ и две награди „Шилер“. Меѓу нејзините најпознати романи се вбројуваат: „Зеро позитив“, „Бескрајно плус“, „Зимска свршеница“, „Убавата дама што каса“, „Омилен“. Во 2000 година ја добила престижната награда „Гранд при Ц. Ф. Рамиз“.

Во своите дела го афирмира својот женски идентитет, во период кога присуството на жените во литературата почнува сè повеќе да се наметнува. Ан-Лиз Гробети се ангажира за состојбата на жената-писател, од историскиот, од формалниот и од политичкиот аспект на женското писмо, но во своите романи таа првенствено го истражува јазикот со тоналитет својствен за неа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП