11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТелефонски разговор Путин – Ципрас, Москва нема да ѝ нуди помош на...

Телефонски разговор Путин – Ципрас, Москва нема да ѝ нуди помош на Атина

rusija-grcija

По иницијатива на грчката страна, денес се одржал телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас, при што рускиот челник, по одржаниот референдум во неделата со кој Грците ги отфрлија предлозите на доверителите, изразил надеж дека грчкиот народ ќе ги надмине тешкотиите, соопшти Кремљ чиј портпарол Дмитриј Песков истакна дека Москва ги почитува резултатите од плебисцитот, внимателно ја следи ситуацијата, но дека Атина доколку има потреба треба самата да ја побара.

„Се разговараше за исходот од референдумот во Грција за условите на меѓународните кредитори за финансиската помош на Атина, како и за некои прашања од натамошниот развој на руско-грчката соработка“, се вели во соопштението на Кремљ во врска со телефонскиот разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас и се додава дека Путин ја изразил својата „поддршка за народот на Грција во надминувањето на тешкотиите со кои се соочува земјата“.

Во меѓувреме портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, за медиумите изјави дека доколку на Грција ѝ е потребна помош, таа ќе мора самата да се обрати до Русија.

„Секако, многу внимателно ги следиме настаните, особено она што сега ќе се случува во Грција. Им посакуваме на нашите грчки партнери што поскоро да ги договорат неопходните компромиси со кредиторите и да преземат одлуки кои на најдобар начин ќе придонесат за економската и социјална стабилност на земјата“, го цитира агенцијата ТАСС Песков кој додал дека Грција е земја со којашто Русија има „долги историски и многу блиски врски, и најтесна повеќестрана соработка“.

Истовремено, според Песков, во Кремљ сметаат дека доколку на Грција ѝ е неопходна финансиска помош, таа треба самата да се обрати, но истакнува дека Русија досега не добила такво барање.

На прашањето дали Москва би можела да обезбеди финансиска поддршка за Атина, доколку не биде постигнат договор со доверителите, Песков препорачува „тоа прашање да ѝ се упати на Атина“. „Повеќепати рековме дека (….) досега немало такво барање за помош, и таа тема не фигурира во нашите билатерални контакти“, истакна портпаролот на рускиот претседател.

Според него, прашањето за помош за Грција не е ставено на агендата на самитот на земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република, петте најброзрастечки економии во светот), кој ќе се одржи во текот на седмицава во руска Уфа, но оти ова прашање може да биде дискутирано во текот на расправата за меѓународните прашања.

Грција може да изврши притисок врз Европската унија да го преиспита условите од договорот, откако со големо мнозинство Грците во неделата го отфрлија предлогот на доверителите, смета, пак, Алексеј Пушков, претседател на комисијата за надворешни работи на рускиот парламент.

„Според мое мислење, позицијата на Ципрас сега е посилна, бидејќи практички тој е поддржан од две третини од грчките избирачи (61 отсто гласаа за опцијата „не“ наспроти 39 отсто за опцијата „да“ за прифаќање на пакетот на доверителите – з.м.) за конкретното прашање. Односно за острите услови од договорот, кои се обидуваат да ѝ ги наметнат на Грција, Европската унија и доверителите, Ципрас ја спротистави позицијата на грчкото население“, изјави Пушков за агенцијата РИА.

Според него, Ципрас не го спровел референдумот за да добие одобрување на гласачите да ја напушти еврозоната. „Тоа прашање не беше поставено на референдумот. Тој го направи референдумот за да ја зацврсти својата позиција во преговорите со ЕУ, да покаже дека Унијата не води преговори со него, туку со мнозинството Грци. Се чини дека сакаше да добие дополнителна можност за притисок врз ЕУ, со што би му било гарантирано да ревидираат условите од пакетот“, истакнува рускиот пратеник.

Меѓутоа, уште пред одржувањето на референдумот во Грција, европските функционери и ЕЦБ истакнаа дека тие услови престанале да важат автоматски откако Атина на 30-ти јули не ги исплати 1,6 милијарди евра долг кон ММФ, со што технички влезе во банкрот. Притоа порачаа дека новите предлози за помош ќе содржат и нови услови, кои најверојатно ќе бидат поригорозни.

Сепак, Пушков смета дека Ципрас „успеал да ја зацврсти својата позиција“. „Сега тој ќе оди на преговори, не само со ставот на својата влада, туку и со позициите на мнозинството граѓани“, смета.

Пушков вели и дека резултатите од референдумот биле предвидливи, бидејќи граѓаните на Грција „во голема мера биле предизвикани од позицијата на ЕУ, меѓународните кредитори, кои фактички ја осудуваат Грција на мизерување, живуркање, и не саката да ја разберат грчката влада кога таа настојува да се спаси какво и да е потенцијал за раст на земјата, а не само да служи како извор за плаќање на кредити и камати на кредитите“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП