19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОИсториски ден за мак-фудбалот, пехарот на Суперкупот пристигна во Скопје

Историски ден за мак-фудбалот, пехарот на Суперкупот пристигна во Скопје

superkup behar

Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, заедно со министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски и директорот на АД За стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов, денеска на прес-конференција го промовираа пехарот кој го добива победникот на европскиот Суперкуп.

ФФМ и Националната арена „Филип Втори“, во вторникот од УЕФА ја добија довербата во 2017-та година да го организираат натпреварот во Суперкупот, натпревар во кој се среќаваат освојувачот на Лигата на шампионите и победникот во Лига Европа.

„Историски ден за македонскиот фудбал, откако Извршниот комитет на УЕФА донесе одлука Скопје да биде домаќин на Суперкупот во 2017-та. Инспирирани сме од патот по кој оди УЕФА под водство на Мишел Платини, бидејќи во секоја одлука гледаме посветеност кон фудбалот и почит кон сите членки без оглед на нивната големина или финансиска влијателност. За мак фудбалот ова е голема одговорност и чест. За кандидатурата имавме максимален консензус од Владата на РМ и државните инситуции и градот Скопје. Заеднички донесовме настан којшто е најголем во самостојна Македонија. Овој настан ќе ни донесе промоција и други краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и за нашиот фудбал. Среќни сме што УЕФА ни ја даде довербата да бидеме организатори на еден настан коишто го следат милиони луѓе низ целиот свет. Македонија и македонскиот фудбал повторно ќе биде извор на гордост на нашиот народ“, рече претседателот на ФФМ, Ѓорѓиоски.

Првиот човек на ФФМ одговарајќи на новинарско прашање рече дека за две години, во Скопје би сакал да види екипи од Германија и Англија. Ѓорѓиоски информираше дека ФФМ ќе биде присутна на Суперкуп натпреварите оваа година во Тбилиси, Грузија и Трондхајм, Норвешка, каде ќе собира искуства околу организацијата.

Добивањето на организацијата на Суперкуп натпреварот носи голема одговорност, но и работа на отстранување на сите недостатоци на Националната арена „Филип Втори“, кои УЕФА веќе ги има нотирано.

„Во изминатиот период ние како Влада и ресорно министерство, заедно АД за стопанисување на станбен и деловен простор вложивме оргомни напори и сретства за да ја донесеме до оваа фаза Националната арена. Ќе продолжиме и понатаму да градиме се додека овој спортски храм не го добие изгледот кој го зацртавме. Остануваат да се довршат инфраструктурни уредувања кон пристапот на Источна и Западна трибина, ќе биде изграден соодветен паркинг простор, онака како што налагаат критериумите на УЕФА, комплетирање на фасадата, уредување на пристапниот простор околу арената, реконтрукција на ВИП ложите, ќе биде интервенирано и во поддрибинскиот простор, собата за прва помош, системот за осветлување, реконструкција и доизградба на просторот за медиуми, нова организација на микс зоната со простории за телевизиски студија, изработка на комплетен план во случај на евакуација…Контроли од УЕФА ќе следуваат во наредниот период, па поради тоа ние ќе формираме едно кординативно тело кое ќе ги решава забелешките кои ќе пристигнуваат“, рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој информираше дека досега во арената „Филип Втори“ се вложени 63 милиони евра.

Директорот на АД За стопанисување со станбен и деловен простор најави дека во периодот што следува повторно ќе се интервенира врз подлогата на теренот на „Филип Втори“.

„Теренот како терен е жива материја и нормално е да подлежи на реконструкција. Големите фудбалски градови, односно големите фудбалски центри еднаш годишно вршат целосна реконструкција на теренот, значи дека целокупниот бусен се менува еднаш годишно. Ние поради финансиските средства гледаме да го реконструираме делот каде што бусенот е најмногу оштетен, но доколку има потреба до 2017-та година теренот ќе биде доведен во максимална состојба, на потребно ниво каде што нема да има простор за никакви забелешки“, рече Грозданов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП