26 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(11.03 – 15.03.2013)

 

 

Неделата зад нас повторно ја одбележа падот на прометот во редовното тргување на Македонската берза. Во споредба со претходната, тој забележа намалување од 15% и достигна само 26,5 милиони денари. Неговата дистрибуција беше следна: 75% на официлајниот пазар и 25% на редовниот, 27,5% отпадна на тргување со државни обврзници, а 72,5% на тргување со акции. Намалениот промет во многу придонесе индексот МБИ-10 неделата да ја заврши без промени во однос на претходната, додека индексот МБИД оваа неделата ја заврши со пораст од +2,76%, пред се благодарејќи на неделниот пораст на акциите на Стопанска банка Скопје од 18,6% и Тутунска банка Скопје од 12,8% (двете банки годинава според неревидираните финансиски извештаи забележаа добивки од 12,9 милиони евра, односно 8,1 милион евра респективно).

Оваа недела акцијата на Алкалоид Скопје беше убедливо најтргуваната хартија од вредност на берзата. Во петте трговски денови реализираше промет од 5,1 милион денари, а цената имаше неделен пораст од 2,2%. Покрај неа, со промет од над еден милион денари беа и акциите на Комерцијална банка Скопје (1,9 милиони денари), Раде Кончар Скопје (1,4 милиони денари), Македонски Телеком Скопје (1,3 милиони денари) и Славеј Скопје (1,1 милион денари). Покрај редовното тргување, регистриравме и една блок трансакција со акциите на АДУТ Македонија Битола во вредност од безмалку 4 милиони денари.

Од акциите со дивиденден принос, оваа недела Реплек Скопје предложи дивиденда во нето износ од 4.000 денари, што придонесе за пораст на цената на акцијата од 3,3% (нето дивидендниот принос на цена од 45.990 денари е меѓу најдобрите на Македонската берза и е 8,7%).

На регионалните берзи. SBI10 неделата ја заврши со пад од -1,16%. Crobex забележа минимален пад од -0,31%, Белградскиот Belex забележа пад од -0,98%, додека софискиот Sofix поосетен пад од -2,65%.

Индексите во САД го продолжија своето рели кон новите максимални вредности. Иако петокот донесе пад на водечките индекси, сепак на неделно ниво S&P 500 заврши со раст од +0,29%, DOW JONES имаше неделен пораст од +0,46%, а единствено NASDAQ неделата ја заврши со минимален пад од -0,12%. Најавите за ново затегнување на ременот и намалување на потрошувачката во Еврозоната, како и опасноста од порастот на невработеноста, придонесоа европските индекси да забават во својот раст. DAX забележа нешто поголем раст од +0,92% на неделно ниво, FTSE 100 ја затвори неделата со пораст од +0,39%, додека францускиот CAC 40 имаше минимален пораст од +0,20%. На азиските берзи, јапонскиот NIKKEI 225 имаше пораст од +1,67%, додека HANG-SENG имаше неделен пад од -2,36%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП