23 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПрв фестивал на музички документарци во Скопје

Прв фестивал на музички документарци во Скопје

kinoteka 3959

Фестивалот на музички документарни филмови – Skopje Cinema City се организира прв пат оваа година под мотото „Филмови, музика и вино“, како дел од манифестацијата „Скопско лето 2015“ во соработка со Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Во текот на петте фестивалски денови, од 1-5 јули 2015, во просторот на Сули Ан (Факултетот за ликовни уметности) во Старата скопска чаршија, ќе бидат прикажани 13 музички документарни филмови од домашна и од странска продукција, кои на авторски својствен начин ја обработуваат темата на музиката: биографски, промотивни, но и филмови со силна социјална тематика.

Фестивалот ќе биде свечено отворен со ексклузивна изложба на фотографии со Дејвид Боуви, во присуство на авторот, британскиот фотограф Брајан Рашиќ. Изложбата, поддржана од Министерството за култура на РМ, ќе презентира селекција на концертни фотографии, почнувајќи од турнејата на Боуви од 1983 насловена “Serious Moonlight”, преку “Tin Machine”, па сѐ до последните турнеи од 2002 и 2006, пред неговото повлекување од сцена.

Следејќи го фестивалскиот концепт за приближување на македонската со европските и светските музички и филмски култури, фестивалот секоја година ќе има различна земја-партнер. Годинава тоа е Германија и со поддршка на Германската амбасада, во Скопје пристигнува и режисерот Ули Шупел, авторот на “Nick Cave – The Road to God Knows Where” (Ник Кејв – Патот до Господ знае каде).

Македонските документарни филмови имаат свое рамноправно место во програмата на Skopje Cinema City. Меѓу нив се „Јас сум андерграунд“ – филм посветен на бендот Шутка рома рап, „Денот да е радосен“ за Културно Уметнички Работници, како и премиерата на филмот „Уметници за жици“ за изработувачите на инструменти од чаршијата, семејството Гиевски.

Покрај филмската програма, во рамки на фестивалот на 2, 3 и 4 јули во кафе-барот „Менада“ ќе бидат организирани и работилници, предавања и мастер-часови поврзани со филмската музика, музичката продукција и културниот менаџмент.

Репризи на дел од филмовите ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија и во кафе-барот „Менада“. Секоја фестивалска вечер ќе биде заокружена со музички настани во „Менада“. Главен партнер на Skopje Cinema City e винаријата Бовин.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП