Втора година по ред Македонија ќе учествува на 8-то издание на Four River Film Festival кое ќе се одржи од 23-ти до 27-ми јуни во Карловац, Хрватска.
На фестивалот посветен за млади режисери и вљубеници во филмот ќе учествуваат и четворица тинејџери како претставници од кај нас и тоа Анастасија Бошкоска, Лидија Јовановска, Софија Синадиновска и Кристијан Јанкулоски.
Токму едноминутниот филм „Убиец на планетата“, на Лидија Јовановска ученичка во скопската гимназија „Георги Димитров“ ќе биде прикажан и е влезен во главната конкуренција на фестивалот во Карловац. Филмот на Лидија е навистина оригинален и поучен и преку кратки сцени и дијалози го претставува значењето на водата денес – водата како непроценлив извор на животот.
Џифони Македонија во соработка со Агенцијата на филм на Македонија ќе организираат и вечер „Фокус на Македонија“ на која ќе бидат прикажани три краткометражни филмови меѓу кои „Бардо“ на Марија Апчевска, „Материјал за аудиција“ во режија на Ѓорче Ставрески и „Човекот со чудна навика да ме мава со чадорот по глава“ на Вардан Тозија.
За време на фестивалот, тимот на Џифони Македонија ќе одржи и две работилници, едната за едноминутни филмови а другата за фото-есеј.
Ова е уште една можност за успешна промоција на македонската кинематографија, а истовремено е неповторлива прилика за младите да научат нешто повеќе за филмот и да се здобијат со значајно меѓународно искуство.