5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција бара олеснување на долгот, Европа се свртува кон конфронтирање

Грција бара олеснување на долгот, Европа се свртува кон конфронтирање

Image (77)

Грчките преговарачи во неделата извршија притисок врз меѓународните кредитори, додека европските челници сé повеќе се свртуваат кон судир, настојувајќи да ја принудат Атина да го прифати дополнителното штедење и реформи во замени за исплата на последната транша од досегашниот и добивање нов пакет надворешна финансиска помош.

Дури и врвот на германските социјалдемократи, кои досега беа подготвени да ги прифатат и аргументите на радикалната левичарска влада на премиерот Алексис Ципрас, предупредија дека Атина го ризикува да излезе од еврозоната, доколку не престане да ја „завлекува“ Европа.

Европските челници го зајакнуваат притисокот врз Ципрас да понуди отстапки, за да се постигне договор со Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд, додека Грција се соочува со можноста да не може да ги плати долговите кон ММФ за речиси две седмици.

Најострите забелешки не доаѓаат од страна на конзервативците, кои веќе долго ја критикуваат Грција, туку од шефот на германските социјалдемократи, Зигмар Габриел, кој до неодамна се сметаше за еден од малкуте европски и уште помалку германски политичари кои ѝ се наклонети на Грција. Тој за весникот Bild напиша дека сака да ја задржи Грција во еврозоната. „Но не само што времето истекува, туку и расположението ширум Европа. Насекаде во Европа расте расположението ‘што е многу, многу е’“, вели Габриел, вицеканцелар во владата со конзервативците на канцеларката Ангела Меркел.

„Сенката на излегувањето на Грција од еврозоната добива сé појасни контури. Повторувањето на наводните последни обиди да се дојде до договор, започнува да прави целиот процес да изгледа комично. Сé повеќе луѓе чувствуваат дека Грција ги завлекува“, вели натаму Габриел.

Германските социјалдемократи чувствуваа одредена солидарност со Ципрас, иако неговата партија Сириза, е далеку далеку полево на политичкиот спектар. Зборовите на Габриел, меѓутоа, покажуваат дека Ципрас забрзано ги губи преостанатите пријатели во Европа.

Германскиот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung, пак, пишува дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, за кој исто така се добиваше впечаток дека имаше повеќе разбирање за грчките ставови, го предупредил Ципрас на опасноста од ткн „Грекзит“, односно излегување на Грција од еврозоната, во текот на нивната средба минатата седмица.

Ципрас вели дека е бескорисно да се наметнуваат уште повеќе кастрења на земјата чијашто економија се намалила за четвртина последните години, како и дека тоа само ќе ги продолжи патењата на Грците чиј животен стандард потона, а невработеноста силно порасна. Давајќи му упатства на својот преговарачки тим, пред да отпатува во Брисел на разговорите во текот на викендот, Ципрас во петокот изјави дека би можел да прифати горки компромиси, но сигнализираше дека за возврат сака големо олеснување на огромниот товар од грчките долгови.

Аналитичарот Јакоб Функ Киркегард се сомнева во долговечноста на оваа грчка влада. Според него, се чини дека Европа се откажува од обидите Ципрас да го насочи кон политичкиот центар, определувајќи се за судир кој би можел да води кон „нова пореалистична влада“.

„Сé појасно е дека тон дури ниту е прикриен центрист, туку е многу повеќе согласен со крајното лево крило на својата партија. Еврозоната, поради тоа, нема поинаков избор, туку да бара промена на власта во Атина“, вели Киркегард во колумната на интернет страницата на Петерсоновиот институт за меѓународна економија.

Ниту една од страните нема дилеми за итноста од постигнувањето на договор, бидејќи Грција мора да му плати на ММФ 1,6 милијарди евра до крајот на јуни или да не ги изврши обврските доведувајќи ја во голема опасност и својата иднина во еврозоната.

Еден функционер на Европската унија ги опиша преговорите од овој викенд во Брисел како тешки, додавајќи: „Ставовите сé уште се многу оддалечени. Не е сигурно дали ќе има резултати“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП