1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИАмерикански Westinghouse го потврди повлекувањето од бугарски Козлодуј

Американски Westinghouse го потврди повлекувањето од бугарски Козлодуј

Image (32)

Американската компанија „Westinghouse“ го потврди своето повлекување од инвестирањето во изградбата на седмиот блок на единствената активна бугарска нуклеарна централа „Козлодуј“, пишуваат во четвртокот бугарските медиуми повикувајќи се на претседателот на „Westinghouse“ за пазарите во Европа, Блискиот исток и Африка, Ив Браше.

„Веќе неколкупати соопштивме, меѓу друго и на медиумите, дека инвестирањето не е практика на ‘Westinghouse’“, изјави Браше на прес-конференцијата под наслов „Бугарската атомска енергија – национална, регионална и глобална енергетска сигурност“. Според Ив Браше, „Westinghouse“ нема да ја промени стратегијата во однос на изградбата на новиот енергетски блок во нуклеарната централа „Козлодиуј“.

Бидејќи прашањето за финансирањето на изградбата не е решено, а Бугарија нема пари за тоа, изгледите за реализација на проектот стануваат неизвесни, коментираат во Софија.

На новиот, седми блок на „Козлодуј“ беше планирано да се инсталира реакторот AP-1000 од страна на „Westinghouse“. Летото 2014 година, „Westinghouse“ и „Козлодуј“ формираа заедничка компанија за изградба на енергетскиот блок, потпишувајќи заедничка акционерска согласност.

Но во март годинава од „Westinghouse“ објавија дека според нивните пресметки, основната цена на изградбата на блокот ќе изнесува 7,7 милијарди американски долари. Бидејќи тоа за Бугарија е премногу скапо, тамошната влада официјално ѝ предложи на американската компанија да биде инвеститор на проектот со 49-отстотен удел. Договорот меѓу „Westinghouse“ и бугарската влада истече на 31-ви март, а бугарското министерство за енергетика досега не излезе со официјална информација, дали тој ќе биде продолжен и конечно истече. Бугарија ги нема потребните пари за плаќањата по сегашните пресметки, рече на почетокот од април, премиерот Бојко Борисов.

Претходно експертите повеќепати предупредуваа дека Бугарија ќе се најде во многу сложена ситуација, откажувајќи се од проектот, во кој требаше да учествува и Русија, за изградба на нуклеарната централа „Белене“ кој беше оценет како многу попрофитабилен за Бугарија, во полза на изградбата на „Козлодиј 7“ според технологијата на американски „Westinghouse“.

Покрај многу високата цена на американскиот проект и недостигот од референтна енергетска единица, експертите често истакнуваат дека „Westinghouse“ не понудува локализирање на производството на опремата за „Козлодуј 7“, а за споредбата во проектот за новата нуклеарка „Белене“ до 30 отсто од опремата за неа беше планирано да биде произведена во фабриките во Бугарија, што би било во полза на нејзината економија.

Стручњаците, покрај тоа, често истакнуваа и дека во светот не постои ниеден активен (референтен) енергетски блок со реактор од типот AP-1000, иако постоењето на таков објект се смета за неопходен предуслов за предлог проект на некоја компанија, којашто би градела нуклеарен реактор надвор од својата земја.

Плановите за изградба на нуклеарниот реактор според проектот АР-1000, инаку, се проблематизирани дури и во самите САД. Имено во март годинава, американскиот деловен весник The Wall Street Journal пишуваше за „темната перспектива“ на овој проект, поради пречекорувањето на трошоците и одложувањето на лансирањето на реакторите од тој тип.

Во изминативе неколку години во врска со безбедноста на АР-1000 беа отворени повеќе прашања, особено од страна на американските стручњаци. Во 2011 година група американски општествени организации апелираа во Регулаторната комисија за нуклеарна енергија на САД (NRC), барајќи внимателно да бидат разгледани низата недостатоци на проектот, коишто според нив ги има АР-1000.

Досега во светот не е пуштен во употреба ниеден реактор од типот АР-1000. Во моментов изградени се осум блокови со реактори АР-1000, по четири блока во Кина и во САД. Првиот кој требаше да биде пуштен во употреба беше во кинеската нуклеарна централа „Санмен-1“ во 2013 година, но неговиот старт беше одложен за три години, и би профункционирал не порано од 2016 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП