2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРазговор со Горан Боев-сликар

Разговор со Горан Боев-сликар

hhhh

Доброто уметничко дело, порано или подоцна, ќе го најде својот пат

Творечките сили на уметникот вложени во делото ќе го издигнат како плута на површината од заборавот, пред очите на оние кои ќе знаат да го ценат.

1.Неодамна имавте самостојна изложба во Кавадарци, заедно со двајца ваши колеги. Како дојде до соработката и како е да се изложува во родното место?

Да се изложува во родното место е секогаш прекрасно бидејќи се презентирате пред своите најблиски, пред роднините, своите пријатели и познаници. Голем дел од нив се добро запознаени со моето творештво низ годините и со интерес го следат секое мое ново „излегување“ во јавноста. Овој пат изложував со двајца мои драги колеги, Ива Јосифова која од неодамна е новиот претседател на ДЛУК (Друштво на ликовни уметници на Кавадарци) и Трајче Јованов, млад и перспективен графичар и сликар. До соработка дојде на мој предлог бидејќи сите тројца во оваа пригода ја користевме хартијата како медиум за работа, но секој на свој специфичен начин, различен од другиот и со тоа сметавме дека ќе бидеме доста интересни за кавадаречката и македонската публика. Изложбата е во тек и воедно користам прилика да ги поканам сите љубители на уметноста кои не биле на отварањето на изложбата, да ја посетат во Музеј-галеријата на Кавадарци.

2.Горан Боев изминативе години остави белег со своите авангардни масла на платно, поминувајќи неколку лични фази на развој. Кои се плановите за во иднина?

– Во мојот последен циклус на слики кој започна со моето запишување на магистерски студии на ФЛУ-Скопје, се обидов да создадам еден фигуративен стил со еклектичен карактер кој ќе условува на метафорично читање на делото и се надевам дека успеав да внесам извесна свежина во разбирањето на односите меѓу различни дисциплини – детската илустрација, стрипот, апстракцијата и класичниот сликарски пристап. Сепак сметам дека сум далеку од авангарден, земајќи ги предвид сегашните текови на уметноста каде што и самото користење на сликарски четки, платна и палети за бои се веќе застарена и надмината работа. Што се однесува за моите планови за иднината, последните неколку години работам како сликар-зограф и се надевам дека иконографијата ќе биде моја љубов до последните творечки сили.

3.Кој  е мотивот за еден уметник да твори вон институционално? Колку е важна слободата за еден уметник?

-Уметникот твори без разлика дали неговото дело е порачано или не. Тој создава уметнички дела, тоа е она со што тој се занимава.
Слободата во творештвото може да се третира од различни аспекти. Под слободно творење многумина подразбираат, кога уметникот изработува нешто по сопствена идеја, без конкретна намена. Така, прифаќајќи одредена порачка на тема со која тој не се занимава, може да се смета за ограничување на вообичаената слобода со која тој создава дела по своја волја, односно во свој препознатлив стил. Промената на темата е, значи, благ упад во слободното ликовно изразување но не значи многу ако уметникот успее таа тема да ја акумулира, односно да ја изработи во стилот што тој го негува.
Поголем упад во слободата е, ако на уметникот му се наложи да го промени својот стил, техника која ја користи, а краен случај е дури и промената на дисциплината. Но, историјата на уметноста покажува дека и под такви околности се создадени извонредни уметнички дела, што воедно е потврда за флексибилноста на талентот. Добар пример за тоа е таваницата на Сикстинската капела која е изработена по неуспешното Микеланџелово убедување на Папата, дека тој е првенствено вајар и не се занимава со сликарство.
Според тоа, ми се чини дека, не слободата како заобиколување на некакви пречки од страна, туку слободата како љубов кон творештвото е важна и пресудна. Токму таа, слободата на духот е она без кое вистинското творештво не може да постои.

4.Кој е процесот на создавање на едно дело? Од што се почнува…колку има приказна во вистинските дела?

– Процесот на создавање на едно дело е различен кај секој уметник а тоа е особено видливо во денешно време. Во историјата на уметноста различни периоди се класифицираат под одредени наслови: …Ренесанса, Барок, Неокласицизам, Романтизам итн. Во тие периоди творат уметници со нагласена индивидуалност и постојат сликарски школи со негувана препознатливост. Сепак, нивниот начин на работа, односно процесот на создавање на делата е многу близок, што впрочем се гледа и во крајниот резултат на севкупното творештво, па затоа е и можно уметноста создавана во еден цел век да биде одредена со наслов.

За сите периоди во историјата на уметноста, се до 20-ти век, е карактеристично тоа што се користат таканаречени класични материјали за работа: Во архитектурата тоа се каменот, дрвото и малтерот како врзивно средство; во вајарството тоа се каменот, дрвото и глината, која заради опстанокот на делото, се лие во некој метал, најчесто во бронза; во сликарството тоа се четките и боите а како подлога се користи платно, дрвена плоча или ѕид; и во графиката како помлада гранка од останатите, тоа се дрвена, камена или метална плоча и алатки како длета, игли полирки итн. Така и денес, кога уметникот се служи со класични материјали, не секогаш (затоа што зависи и од начинот на кој материјалот се третира) но вообичаено можеме да кажеме дека има класичен пристап во создавањето на делото. Сепак материјалот е само еден аспект од тој пристап а другите два се: Редоследот на постапките при изработката на делото (на пр. претходна изработка на скица или студија во сликарството или изработка на макета во вајарството итн.) и блискоста на презентираното во делото со реалниот изглед на нештата (препознатливост на реални форми, објекти, живи битија и луѓе).

Но денес, или во Уметноста денес (Art Now) класичниот пристап е, или целосно отстранет или е во комбинација со актуелните форми на изразување: фотографијата, видеото, инсталациите од најразлични материјали итн. Тука е и современото индустриско производство кое му овозможува на уметникот, реализацијата на било која идеја да ја порача во фирма или фабрика.

Што се однесува до приказната во уметничкото дело, неа може да ја има а може и да ја нема. Сметам дека таа не е пресудна за квалитетот на делото и покрај тоа што луѓето (публиката) лесно се шармираат со приказни. Сепак, доколку приказна има и е вешто раскажана преку ликовниот јазик, таа може да придонесе кон вредноста на делото.

caa

5.Дали постои слика, која откако си ја завршил, си рекол: Е ова е навистина ремек дело?

-Мислам дека ниеден уметник, па кој и да е, не може, не смее, и на крајот на краиштата нема потреба да изјави такво нешто. Оценувањето на едно уметничко дело како ремек дело не може да се прогласи преку устата на неговиот творец, туку мора некој друг (познавач на уметноста) да го потврди тоа. На таквата потврда често и претходи тестот на времето кој го утврдува влијанието на делото (или стилот) врз понатамошните текови на уметноста, односно неговиот придонес во историјата на уметноста. Еден Вермер почивал 200 години во заборав додека повторно не се откриени неговите прекрасно насликани ентериери и портрети.

Сепак, денес аукциските куќи и богатите луѓе ја злоупотребуваат познатата светска уметност доделувајќи им на дела од славни уметници (Пикасо, Климт, Џакомети) невозможна вредност која често ја надминува цифрата од 100 милиони долари, и со тоа ја сведуваат уметноста на вулгарен бизнис.

6.Која е границата меѓу уметноста и кичот? Дали времето е вистинскиот репер?

-Многу филозофи-естетичари дале свој допринос во дефинирањето на поимот уметност а паралелно со тоа се обиделе да го дефинираат и кичот како анти-уметност. Јас овде не би се впуштил во анализа на нивните теории затоа што моите познавања на филозофијата на уметноста се доста скромни, но, во општа смисла би рекол дека уметничко дело е она, чии естетски вредности допринесуваат за подигање на душевните чувства на човекот на повисоко ниво. Ова видување е можеби само производ од Гадамеровата забелешка дека при посета на музеј, човекот посетител не излегува истиот како што влегол. Со кичот работите стојат поинаку. Тој се обраќа на пониски душевни чувства, односно душевните чувства ги спушта на пониско ниво а истовремено претендира да биде уметност. Но, во ова време на сеопшта декаденција во уметноста, која е, меѓудругото, поткрепена и со арт-бизнисот на големите аукциски куќи, границата меѓу вистинската уметност и кичот е целосно избришана. Како поинаку да се свати, да речеме, продажбата на скулптурата Пинк Пантер на Џ. Кунс од страна на Sotheby’s за 17 милиони долари? Ако работите во уметноста продолжат во оваа насока, се плашам дека ни времето кое претходно го посочив како тест за вредноста на делото, веќе нема да биде доволен репер.

7.Колку денес уметноста е маркетинг и дали таа може да функционира без самопромоција?

– Најава за тоа што уметноста станува во последно време имаме уште од 1993 година кога на Биеналето во Венеција, италијанскиот претставник својот изложбен простор и го отстапи на маркетинг агенција која, оваа ексклузивна шанса ја искористи за реклама на парфем. Оваа сатира се повеќе ја отсликува моменталната состојба каде уметноста целосно се сведува на маркетинг.

Разбирливо е дека уметникот не може да продаде дело ако го чува заклучено во своето ателје. Тој мора да се грижи за промоција на своите дела, особено ако неговата егзистенција зависи од нивната продажба, но, таа грижа не треба да го надминува неговиот залог во творбата на уметничкото дело. Творештвото, односно искреноста во творештвото е најважната работа за оној кој сака да биде и да живее како уметник. На крајот на краиштата, доброто уметничко дело, порано или подоцна, ќе го најде својот пат. Творечките сили на уметникот вложени во него ќе го издигнат како плута на површината од заборавот, пред очите на оние кои ќе знаат да го ценат.

cab

cac

cad

My beautiful picture

My beautiful picture

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП