2 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАКнижевен портрет на писателот Атанас Чупоски

Книжевен портрет на писателот Атанас Чупоски

Image (20)

Книжевен портрет на писателот Атанас Чупоски ќе се одржи денес напладне во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.

За поетското, прозното и филмолошкото творештво на Чупоски ќе зборуваат проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Владимир Мартиновски и филмологот Илинденка Петрушева. Воедно ќе биде промовирана и новата книга поезија на Чупоски,“Der Wanderer”, што ја објави книгоиздателството Магор, а стихови ќе интерпретира авторот.

„Како што кажува самиот наслов на книгата – DerWanderer – што на македонски значи талкач, авторот скита низ жанровски хибридни песни: хит-сингли, патописни песни, елегии, псалми, сновиденија и дијалози. Лиричноста е клучната доминанта во овие стихови, како и музикалноста, на којашто Чупоски инсистира како на негово поетско кредо уште во својата книга-првенец“, пишува Капушевска-Дракулевска во рецензијата на книгата.

Атанас Чупоски (1969) е писател и синеаст, компаратист и филмолог, магистер на филолошки науки. Ги објавил книгите: „Концерт на труба во дур“ (поезија, 2007), „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А. А. Тарковски“ (филмолошка студија, 2012) и „Старинарница Балкан“ (раскази, 2014). Во периодиката објавил стотина студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови. Автор е на радиоемисии (Канал 103, „Без возен ред“ на Радио Равел), тв-емисии и на седум документарни филмови. Работи како виш филмолог во Кинотека на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП