Грција сé уште не сака да им попушти на меѓународните доверители и да ги прифати нивните барања да ги намали пензиите и да овозможи полесно отпуштање на вработените, што ги намалува можностите следната седмица да биде остварен напредок во врска со продолжувањето на финансиската помош.
И покрај настојувањата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клад Јункер да го убеди челникот на грчката влада предводена од челникот на радикалната левица Алексис Ципрас да попушти во врска со споменатите два клучни услова за деблокирање на преостанатите транши од заемот од ЕУ и ММФ, портпаролот на грчката владата изјави дека доверителите не можат да очекуваат Атина да се согласи на сé.
„Институциите не би требало да очекуваат дека владата ќе попушти во сé/. Кога преговарате, отстапките се потребни од двете страни. Нема да минеме преку нашите црвени линии. Очигледно е дена не можеме да ги намалиме пензиите“, изјави портпаролот Габриел Сакеларидис на прес-конференцијата во Атина.
Сакеларидис додаде дека Грците сакаат министрите за финансии на еврозоната во понеделник во заедничката изјава да го потврдат досегашниот напредок во преговорите за на Европската централна банка (ECB) да ѝ остават простор да ѝ дозволи на Атина да продаде повеќе од краткорочниот долг на грчките банки.
Со тоа би се намалил притисокот врз грчката влада и би ѝ се помогнало да го врати долгот од 750 милиони евра на ММФ до 12-ти мај, како и да ги исплати платите и пензиите следните денови. Меѓутоа, европски дипломати сметаат дека ECB тоа најверојатно нема да го стори, освен доколку министрите за финансии на земјите од еврозоната (Еврогрупата) не дадат силен сигнал дека постојат можности за деблокирање на кредитот. „До тоа не сме воопшто блиску, како што сега стојат работите“, изјавил за Reuters европски функционер близок на преговорите.
Јункер во четвртокот разговараше со претседателот на ECB, Марио Драги, и повторно ќе разговара со Ципрас. На прашањето во врска со можноста од банкрот на Грција и нејзино излегување од еврозоната, Јункер рече „Кога би кажале дека ‘грекзит“’е опцијата, што мислетѕе што тогаш би се случило на финансиските пазари?“
Ципрас, исто така, телефонски во четвртокот разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, кој потврди дека Москва е подготвена да ги финансира грчките компании коишто ќе учествуваат во планираниот гасовод, објави Кремљ без да прецизира за која сума станува збор.
На Атина ѝ недостигаат пари, но не сака да се согласи на непопуларните реформи што ги спроведуваше коалициската влада на конзервативците и социјалистите, особено што предизборното ветување на владејачката Сириза за предвремените парламентарни избори одржани на 25-ти јануари беа токму нивното прекинување. Преговорите напредуваат толку бавно, што доверителите не веруваа дека на состанокот во понеделник ќе биде постигнат договор.
Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека во понеделник не очекува никакво придвижување. Неговиот француски колега Мишел Сапен, кој се обидува да посредува меѓу Берлин и Атина, исто така, изјави дека договорот нема да биде постигнат во понеделник, туку подоцна.
Претседателот на Еврогрупата, Јероен Дијсеблом, изјави во интервјуто за францускиот весник Le Monde, дека иако конечниот рок за договорот е крајот на јуни, „би можело да биде поставен нов рок, доколку проблемите со ликвидноста станат преголеми за Атина“. Отфрла, исто така, можност за какви и да де разговори за реструктуирање на грчкиот долг, додека успешно не заврши сегашната програма за помош.
Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, изјави, пак, дека очекува дека договорот ќе биде постигнат во рок од неколку дена или седмици, како и дека тој би требало да ги вклучува приватизациите, реформата на пензискиот систем, правосудството и системот на оданочувањето за данокот за додадена вредност (ДДВ). Портпаролот на Европската комисија изјави дека преговорите со Грција ќе бидат продолжени и во текот на викендот.