Вкупната пазарна вредност на акциите со кои се тргува на глобално ниво на крајот на април оваа година, достигна рекордни 74.700 милијарди американски долари, благодарение на силниот прилив на пари во финансискиот систем како дел од монетарниот стимул на водечките централни банки во светот.
Според јапонскиот бизнис весник „Nikkei“, вкупната глобална пазарна капитализација, врз основа на податоците од Светската федерација на берза и индекси на акции од целиот свет, го достигна нивото од вредноста на целата светска економија во 2015-та година од 74.500 милијарди долари, според проценките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) .
Монетарното олеснување предизвика силен пораст на цените на акциите и тоа на рекордно високо ниво во САД и во Германија, а на многу берзи цените се движат на највисоко ниво во низа години. Во последно време силниот раст на цените на акциите е забележан и на кинескиот пазар, благодарение на дополнителните монетарни мерки за поттик, според јапонскиот бизнис весник.
Во октомври 2007-ма година, глобалната пазарна капитализација на акциите достигна рекордни 64.000 милијарди долари, по што нејзиниот износ повторно се намалуваше, за повторно во ноември 2013-та година да достигне ново рекордно високо ниво.
Пазарната капитализација го надмина глобалниот бруто домашен производ (БДП) во 1999-та година, за време на силен пресврт на акциите на компаниите во секторот за технологија, и повторно во 2006-та и 2007-ма година, пред избивањето на финансиската криза.
Учеството на вкупната пазарна капитализација на светскиот БДП се смета за важен показател за тоа дали пазарот ќе се прегрее. Бидејќи движењето на овој индикатор внимателно беше следен од американскиот инвеститор Ворен Бафет, познат е како „Индексот на Бафет“.