23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШвајцарската народна банка предупредува дека франкот може да зајакне поради Грција

Швајцарската народна банка предупредува дека франкот може да зајакне поради Грција

Image (57)

Швајцарската народна банка (SNB) им порача на своите акционери во петокот дека швајцарскиот франк би можел да зајакне поради неизвесноста во врска со грчката должничка криза, додавајќи дека е подготвена да интервенира на пазарите поради слабеењето на неговиот курс, кој го смета пресилен.

„Како што покажува најновиот развој на ситуацијата, швајцарскиот франк би можел привремено да зајакне како одговор на сегашната фаза од засилените неизвесности околу грчките должнички проблеми“, изјави гувернерот на SNB, Томас Јакоб Урлих Јордан, во говорот подготвен за собранието на акционерите на централната банка во Берн. Воедно истакнал дека SNB „многу внимателно“ ги следи ефектите од таа криза врз франкот и нејзините потенцијални влијание на Швајцарија.

„Ќе останеме активни на валутните пазари колку што ќе биде потребно за да влијаеме врз монетарните услови“, рече челникот на швајцарската централна банка, додавајќи дека франкот според нивната оцена значително е преценет и оти очекуваат дека со времето ќе ослабе. Во петокот курсот на франкот на европските пазари се движеше во распонот од 1,0313 до 1,0380 франци за евро.

Од SNB, исто така, пред акционерите ја бранеа монетарната и управувачката структура откако во јануари од годинава се откажаа од ограничување на курсот, поради што централната банка беше критикувана од учесниците на валутните пазари. SNB на 15-ти јануари нагло се откажа од бранењето на курсот од 1,20 франци за евро, по што следеше силниот залет на франкот, а зајакна и загриженоста во врска со швајцарската економија, којашто инаку силно се потпира на извозот, кој во вакви услови стана помалку конкурентен на странските пазари.

Неочекуваното свртување во политиката на банката го навлече бранот критики од деловните и политички кругови дека структурата на бордот на SNB, кој го сочинуваат само тројца гувернери, сите со слична професионална биографија, би можела да го ограничува разменувањето на мислењата при носењето на одлуките за монетарната политика.

„Членовите на управниот одбор не живеат надвор од стварниот живот и не се потпираат исклучиво на информациите и анализите направени во своите редови“, изјави Жан Студер, претседател на советот кој е надзорен орган на централната банка, но не влијае врз нејзината монетарна политика. Тие редовно комуницираат со јавноста и со претставниците на деловната, политичката и академската заедница во Швајцарија и во странство, уверува Студер.

Гувернерот Јордан повтори дека централната банка немала поинаков избор отколку да се откаже од минималниот курс на франкот во однос на еврото, чијашто одбрана SNB само годинешниот јануари ја чинела 100 милијарди франци, односно 104,83 милијарди американски долари. „Би било неодговорно и натаму да се задржи минималниот курс и безобѕирно да се прифатат високите трошоци од таквата мерка, без размислување за нејзината одржливост“, смета Јордан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП