22 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИОбука за подобрување на подготвеноста за справување со катастрофи на македонските аеродроми

Обука за подобрување на подготвеноста за справување со катастрофи на македонските аеродроми

Image (28)

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе се здобие со дополнителни знаења и вештини за справување со катастрофи благодарение на тридневната обука која започна денес.

Програмата за обука насловена како „Да ги подготвиме аеродромите за катастрофи“ (ГАРД), се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и водечката светска транспортно-логистичка компанија, Дојче Пост Де-Ха-Ел групацијата, во соработка со ТАВ Македонија, компанијата која управува со двата аеродроми во земјата, „Александар Велики“ во Скопје и „Свети Апостол Павле“ во Охрид.

Целта на програмата ГАРД е да се подобри капацитетот на аеродромскиот персонал за справување со зголемените логистички предизвици присутни во пост-кризни ситуации предизвикани од катастрофи.

Со обуката ќе се подобрат локалните логистички капацитети и знаења, а со цел да се избегне создавањето тесни грла на аеродромите, и да се осигури ефикасен прием на поголеми количества хуманитарна помош кои пристигнуваат во вакви ситуации.

Од 2005 година, концептот ГАРД успешно бил спроведен на речиси 30 аеродроми, вклучувајќи ги и аеродромите во Турција, Ерменија, Либан, Индонезија, Филипини, Непал, Бангладеш, Панама, Ел Салвадор и Перу. Обучувачите за ГАРД, логистички експерти на Де-Ха-Ел кои ги обезбедуваат услугите бесплатно, работат во тесна соработка со Обединетите нации.

„Нашите мисли се секогаш позитивни и природно не сакаме, ниту мислиме дека ќе се случат големи несреќи. Но, ваквите сценарија не се исклучени, без оглед дали станува збор за природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човечки фактор. Затоа, обуката ГАРД, организирана од Де-Ха-Ел и УНДП, е од големо значење за нас и ние многу ја цениме нивната поддршка, како и добрата соработка, бидејќи крајната цел е подобра подготвеност на скопскиот аеродром за  справување со последиците од катастрофи, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.

За време на програмата, аеродромскиот персонал, заедно со вработените од сите релевантни институции кои се дел од националниот систем за управување со кризи, вклучувајќи ги и Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи и Црвениот крст, ќе ја проценат способноста на аеродромите за справување со зголемениот обем на хуманитарна помош во случај на големи катастрофи, и ќе изработат наменски детален акционен план. Се очекува овој план да стане дел од националните планови за управување со несреќи и катастрофи.

„Задоволни сме што имаме можност да ја спроведеме нашата програма ГАРД заедно со македонските власти“, вели Кристоф Ерхарт, извршен потпретседател на Корпоративни комуникации и одговорност на Дојче Пост Де-Ха-Ел групацијата. „Од искуство научивме дека пост-кризните ситуации предизвикани од катастрофи се поврзани со специфични потреби и барања, особено во поглед на логистиката. Иницијативата ГАРД може да помогне аеродромите однапред да се подготват за ваквите логистички потреби, пред да настане катастрофата. Таа е важно дополнување на нашите редовни активности за подобрување на подготвеноста за справување со катастрофи.“

„Градењето отпорност на земјата кон природни и катастрофи предизвикани оф човечки фактор отсекогаш било во фокусот на активностите за УНДП“, изјави постојаниот координатор на ООН и постојан претставник на УНДП Луиза Винтон. „Од 2007 година наваму, во партнерство со централните и локалните власти во оваа област реализиравме проекти во вредност од 1,6 милиони американски долари. Оваа обука е уште еден чекор напред. Земјотресите и другите природни катаклизми не може да се избегнат, но подобрата подготвеност и насочените инвестиции може да обезбедат тие да не се претворат во катастрофи.“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП