3 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАШарл Азнавур сними албум за 91-от роденден

Шарл Азнавур сними албум за 91-от роденден

sarlz-aznavur

Неуморниот француски пејач од ерменско потекло Шарл Азнавур, на 4-ти мај, непосредно пред својот 91-ви роденден кој ќе го празнува на 22-ри мај, ќе го издаде албумот на кој за сите песни се јавува како автор на текстот, музиката и аранжманите, под наслов „Encores“, односно изведување на „бис“. Албумот излегува четири години по претходниот, и по педесетината други.

„Ова е првпат да подготвувам албум кој зборува за моето минато“, изјави Азнавур неодамна, набројувајќи ги носталгичните теми со кои се занимава во своето ново дело, како, „војната, отпорот против фашизмот, местата на коишто одевме кога сакавме да се опиеме“.

Шарл Азнавур кој изминативе децении беше нарекуван „француски Синатра“, е автор на повеќе од илјада шансони. Глумеше во речиси 80 филмови и настапувал на сцените во повеќе од 94 земји. „Никогаш не го изговорив зборот ‘збогум’“, изјави во 2011 година пред серијата од 22 концерти во славната париска сала „Олимпија“ со кои го прослави својот 87-ми роденден.

Овој уметник ја одушевува јавноста со својата енергија која не слабее, а дека е во години се забележува само по тоа што се користи со блесиметар (уред за потсетување на текстот кој го користат телевизиите) и што во близината мора да има потпорка кога ќе го надвладее заморот, забележува AFP.

Во моментов Азнавур се наоѓа на светска турнеа во текот на којашто почнувајќи од лани настапува во Њујорк, Москва, Монтреал, Лондон, Берлин, Лос Анџелес, Рим и Ереван. Својот 90-ти роденден го прослави на 22-ри мај 2014 година на сцената во Берлин.

Во Париз, од 15-ти до 27-ми септември годинава ќе одржи шест концерти во „Палатата на спортовите“. Тоа е единствената париска концертна сала во којашто славниот пејач никогаш не настапил во текот на својата долга кариера и истовремено ќе биде негов прв настап во француската престолнина по четиригодишна пауза, рече во интервјуто за радиото RTL.

Азнавур има настапувано во дуети со светски величини како Френк Синатра, Селин Дион, Патрисија Каас, Лучијано Павароти и Пласидо Доминго, а неговите песни се дел од репертоарите на Реј Чарлс, Фред Астер и Лајза Минели. И покрај Студената војна, тој беше еден од најприсутните западни уметници во тогашниот Советски сојуз, каде што, според неговите сеќавања, на еден од првите тамошни концерти во 1963 година наместо планираните триесет нумери, исполнил шеесетина, откако преполната сала постојано го повикувала „на бис“.

Во 1998 година, во заедничкото истражување на магазинот Time и телевизиската мрежа CNN, Азнавур беше прогласен за најдобриот естраден уметник во XX век.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП