17 мај, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(04.03 – 08.03.2013)

 

 

 

И во неделата зад нас компаниите продолжија со објавувањето на годишните неревидирани финансиски извештаи кои беа главните информации на Македонската берза. Пред се поради фактот што прометот на берзата се намали на 31,1 милион денари, а 40% од истиот се реализира во тргување со обврзници. Индексот МБИ-10 неделата ја заврши со намалување од -0,16%, додека индексот МБИД и оваа неделата ја заврши со пораст од +1,37%.

Вообичаено на официјалниот пазар најголем промет се реализараше со акциите на Комерцијална банка Скопје (3 милиони денари) и Алкалоид Скопје (3,3 милиони денари). Објавата на Предлог одлуката за Собранието на акционери на Комерцијална банка дека износот на дивидендата за 2012 година ќе се намали на 100,00 денари за акција придонесе цената на акцијата да забележи пад на берзата од -5,66% достигнувајќи цена на затворање во петокот од 2.500 денари за акција. Пријатно изненади Македонски Телеком Скопје кој и годинава, и покрај намалената добивка и првичните информации за исплата на помала дивиденда од ланската, предлага дивиденда во бруто износ од 65,46 денари за акција (износ кој ќе се намали кај физичките лица за износот на платениот данок на добивка и персоналниот данок на доход). Сепак, и покрај падот на добивката од 8%, компанијата целата добивка ја насочува кон исплата на дивиденда за акционерите. Оттука и најтргувана акција изминатата недела беше токму акцијата на Македонски Телеком со промет од 4,2 милиони денари.

Предлог одлуки за исплата на дивиденда имаат и Фершпед Скопје (бруто износ од 2.000,00 денари за акција), Метропол Охрид (бруто износ од 21,90 денари за акција), Алкалоид Скопје (бруто износ од 183,33 денари за акција)

На регионалните берзи. SBI10 неделата ја заврши со пад од -0,91%. Crobex забележа нешто поголем пораст од +1,83%, Белградскиот Belex забележа минимален неделен пораст од +0,05%, додека софискиот Sofix имаше пораст од +1,86%.

Индексите во САД достигнаа апсолутни рекорди во својот раст, креирајќи ја една од најпозитивните недели во тргувањето воопшто во историјата. Водени од податоците за намалувањето на невработеноста на 7,7%, индексот S&P 500 неделата ја заврши раст од +1,70% искачувајќи се на 1.551 индексен поен. DOW JONES имаше неделен пораст од +1,91% и заврши со апсолутна вредност од 14.397 поени, а NASDAQ од +1,96%. Европските индекси позитивно реагираа на добрите економски податоци од САД, па и тие растеа силно во текот на изминатата недела. DAX забележа пораст од +3,83% на неделно ниво, FTSE 100 ја затвори неделата со раст од +2,17%, додека францускиот CAC 40 имаше пораст од +3,51%. Азиските берзи водени од добрите резултати на јапонската економија и монетарната политика што ја спроведува јапонската влада исто така имаа само еден правец – нагоре. Индексот NIKKEI 225 имаше експлозивен неделен раст од +5,45%, додека HANG-SENG имаше пораст од +2,46%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП