26 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСвечено отворање на фестивалот „Денови на македонска музика“

Свечено отворање на фестивалот „Денови на македонска музика“

mak-muzika500

Со концертот на Младинскиот супер оркестар, во среда, во 19 часот, во Македонскиот народен театар ќе започне 38-то издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“.

На фестивалот чиј организатор е Сојузот на композиторите на Македонија, до 9 април, ќе настапат бројни уметници од земјава и од странство и ќе прозвучат дела од скоро сите генерации македонски творци.

На 1 април, во дослух со традицијата, „Деновите на македонска музика“ ќе бидат свечено отворени со концерт на „Младинскиот супер оркестар“, заедничкиот проект на музичките училишта од Словенија, Србија и Македонија. Оркестарот, под диригентската палка на Јелена Шушниќ ќе ги изведе композициите „Словенски народни танци“ од Алојз Среботњак, „Голема чочек игра“ од триптихот „Коштана“ на српскиот композитор Петар Коњовиќ, Тешкото од Глигор Смокварски и композицијата „Пијан танец, Пајдушко“ од Сони Петровски.

Младинскиот супер оркестар е интернационален симфониски ансамбл кој го сочинуваат млади музичари од три држави и три различни градови. Оваа година тој го здружува талентираните млади уметници од Словенија, Србија и Македонија (Љубљана, Белград и Скопје). На заедничката концертна турнеја ѝ претходеше грижлива подготовка на репертоарот во секоја од трите земји. Идеен творец на проектот „Младински супер оркестар“ е диригентката Јелена Шушник. Како претседателка и членка на жиријата на музичките натпревари во категоријата „оркестар“, таа востановила дека членовите на оркестрите често немаат никаков меѓусебен контакт, ниту можност за споредување на знаењето и заедничка соработка. Младинскиот супер оркестар е ансамбл во кој се инсистира преку заеднички проби на неговите членови да се постигне напредок во симфониското музицирање, а истовремено преку дружба и забава да се воспоставаат трајни пријателства. Успехот на оркестарот од неговото формирање е постигнат со молскавична брзина. На турнејата во 2012 година, тие се прогласени за концертна сензација и настапуваат во еминентните концертни сали во Порторож, Љубљана и Белград, а одржуваат и целовечерен концерт на фестивалот “Pordenone Sacile” во Италија. На концертот во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“ ќе се претстават со програма која го претставува раскошот на словенечкиот, српскиот и македонскиот фолклор, создадено од перото на неколку прославени композитори.

Младинскиот супер оркестар е заеднички проект на музичките училишта од Словенија, Србија и Македонија: Глазбена школа „Вич-Рудник“, Љубљана, Средна музичка школа „Коста Манојловиќ“, Земун, Средна музичка школа „Ватрослав Лисински“, Белград  и ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за образование на Република Македонија. Влезот е слободен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП