6 мај, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕМакедонија станува земја на дебели луѓе - недостасува физичка активност

Македонија станува земја на дебели луѓе – недостасува физичка активност

overweight-people-007

Нередовната физичка активност, како и неправилната исхрана се фактори кои придонесуваат за зголемена телесна тежина и појава на дебелина меѓу популацијата во светски рамки, а недоволната физичка активност е тесно поврзана со бројни хронични болести.

Според податоците на Светската здравствена организација, се смета дека 60% од светската популација е недоволно физички активна, а овој тренд е присутен и во нашата држава.

Статистичките податоци во Македонија покажуваат дека 60,5% од мажите и 47,8% од жените на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, а околу 20% од возрасните во државава се со одреден степен на дебелина, што во голема мера се должи и на нередовната физичка активност или воопшто непрактикување физичка активност.

Препораките за интензитетот на физичка активност се разликуваат во зависност од возрасната група на која припаѓа поединецот, претходното искуство во вежбање, како и нивото на физичка подготвеност. Препорачаната физичка активност за различни возрасни групи зависи и од моменталната здравствена и физичка состојба на поединецот, а кај некои лица (на пример, хронично болни) се препорачува и консултација со доктор во врска со физичката активност. Вообичаено се препорачува пешачење, шетање во природа, трчање, возење велосипед, движење по скали наместо со лифт, односно практикување активности кои се соодветни на здравствената и физичката состојба.

За младите луѓе на возраст од 5 – 18 години се препорачува физичка активност од 60 минути секој ден. За лица на возраст од 18 – 65 години се препорачува практикување умерена физичка активност, по 30 минути – 5 дена неделно, а ако станува збор за понапорна физичка активност да се практикува само 3 дена неделно по 20 минути. За лицата на возраст над 65 години се препорачува умерена физичка активност, како што е: шетање со брзо движење, градинарски работи, лов, игра со деца, шетање на миленичиња, домаќински работи, и сл.

Редовната физичка активност овозможува многубројни здравствени придобивки, односно ја подобрува работата на срцето и белите дробови, јa подобрува мускулната сила, спречува појава на остеопороза, го намалува нивото на холестерол во крвта, спречува повеќе здравствени состојби како: зголемен крвен притисок, дијабет, здебелување, срцеви коронарни заболувања, го зајакнува имунитетот, спречува појава на деформитети на телото, а воедно влијае на подобрување на расположението, спречува појава на депресија и го подобрува целокупниот квалитет на живеењето. Токму затоа, важно е редовно да практикувате физичка активност за да го заштитите и зачувате своето здравје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП