Реченицата „Ако не сакаш ти да работиш, има кој сака“ со години беше главниот адут на газдите кога некој работник ќе побараше повисока плата, слободен ден или подобри услови. Денес таа закана сè потешко поминува. Во Македонија има фирми што со месеци бараат работници, огласите се повторуваат, а дел од работодавачите се принудени да понудат повисоки плати и дополнителни погодности за да ги задржат луѓето што веќе ги имаат.
Промената особено се чувствува во угостителството, трговијата, градежништвото и производството. Келнери, готвачи, продавачи, мајстори, возачи и работници во фабриките се меѓу кадрите што постојано се бараат. За некои работни места повеќе не е доволно само да се објави оглас и да се чекаат кандидати. Работодавачите мора да понудат услови што ќе ги привлечат.
Според податоците на Агенцијата за вработување, во средината на 2026 година биле евидентирани 88.541 активен барател на работа. Истовремено, повеќе од 60 проценти од анкетираните работодавачи искажале потреба од нови вработувања. Во второто тримесечје биле регистрирани 10.697 слободни работни места.
Економистите укажуваат дека проблемот не е само во бројот на невработени, туку и во тоа што понудата на работници не одговара на потребите на компаниите. Дел од луѓето немаат соодветни квалификации, други живеат далеку од местата каде што се нуди работа, а има и такви за кои понудената плата едноставно не е исплатлива.
Работодавачите сè почесто се соочуваат и со заминување на искусните работници. Некој добил подобра понуда во друга компанија, друг решил да замине во странство, трет повеќе не сака да работи за истата плата и по десет или дванаесет часа дневно.
Токму затоа, платата станува главното средство со кое компаниите се натпреваруваат за работна сила. Но, не е единственото. Дополнителни слободни денови, платен превоз, оброк, бонуси, приватно здравствено осигурување и можност за пофлексибилно работно време се дел од погодностите со кои фирмите можат да ги привлечат и задржат вработените.
Особено кај помладите работници се забележува поголем интерес за работното време, можностите за напредување и односот на претпоставените. За дел од нив, повисоката плата не е доволна причина да останат во фирма во која редовно се работи прекувремено или тешко се добива слободен ден.
Познавачите на пазарот на трудот посочуваат дека иселувањето дополнително ја отежнува состојбата. Македонија со години губи работоспособно население, а дел од младите што завршуваат средно образование или факултет својата иднина ја бараат во Германија, Австрија, Швајцарија и во други европски земји.
„Нема кој да работи“ сè почесто се слуша од сопствениците на мали бизниси, особено во дејностите каде што е потребна физичка работа. Но, од другата страна стои и добро познатата реченица на работниците: „За тие пари не се исплати“.
Економистите прават разлика меѓу вистинскиот недостиг од квалификувани работници и недостигот од луѓе подготвени да работат за понудените услови. Компанија што не може да најде искусен мајстор има еден проблем, а фирма што бара работник за ниска плата, со работа за викенди и без дополнителни надоместоци, има сосема друг.
Сепак, не сите работници имаат еднаква можност да преговараат. Оние со барани вештини, искуство и квалификации полесно можат да сменат работно место. Кај нискоквалификуваните работници, особено во помалите градови, изборот и натаму е ограничен.
Во меѓувреме, компаниите сè почесто размислуваат и за ангажирање странски работници, особено во градежништвото, производството и угостителството. Тоа е дополнителна можност за пополнување на празните работни места, но не ја отстранува потребата од подобри услови за домашните работници.
За работодавачите што со години сметаа дека пред портата чека редица луѓе подготвени веднаш да го заменат секој незадоволен вработен, состојбата веќе не е иста. Денес работникот сè почесто прашува колкава е платата, дали се плаќа прекувремената работа и колку слободни денови му следуваат. А газдата, наместо веднаш да му ја покаже вратата, мора да размисли колку ќе го чини да најде нов човек.
Б.З.М.