МАКЕДОНИЈА

Од 2027 година голема промена за сите што имаат сметка во банка

Испраќање пари во сабота навечер, плаќање сметки во недела или префрлање средства на сметка во друга банка за време на празник, без чекање до следниот работен ден. Ова наскоро треба да стане секојдневие за граѓаните и компаниите во Македонија со воведувањето на новиот систем за инстант плаќања.

Македонија се приклучи кон регионалната платформа TIPS Clone, која претставува технолошка основа за воведување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата и 365 дена во годината.

За граѓаните, ова практично значи дека повеќе нема да мора да размислуваат дали е петок попладне, викенд или државен празник кога сакаат да префрлат пари на сметка во друга банка.

Како ќе изгледа тоа во секојдневниот живот?

Замислете дека вашето дете студира во друг град и во сабота навечер му се потребни 3.000 денари. Наместо да чека до понеделник за да ги добие парите, со инстант плаќањето средствата ќе му бидат достапни за неколку секунди, дури и ако има сметка во друга банка.

Истото ќе важи и кога купувате автомобил од друго физичко лице, плаќате мајстор, враќате позајмени пари на пријател или префрлате средства меѓу сопствените сметки во различни банки, во рамките на предвидените лимити.

Нема да биде важно дали банката работи или дали нејзините филијали се отворени.

Кога ќе почне да се применува новиот начин на плаќање?

Според најавите на Народната банка, деловните банки треба да го завршат техничкото поврзување со новиот систем заклучно со јануари 2027 година, по што услугата треба да стане достапна за граѓаните и компаниите преку сите банки во земјава.

Граѓаните ќе можат да ги користат инстант плаќањата преку соодветните дигитални услуги на своите банки.

Ќе можеме ли да испраќаме пари само со телефонски број?

Новиот систем отвора можност и за дополнителни услуги кои значително ќе го поедностават плаќањето.

Во иднина, наместо да внесуваме долг број на платежна сметка, би можеле да испраќаме пари користејќи го само мобилниот телефонски број или електронската адреса на примачот.

Се отвора можност и за плаќање преку QR-кодови во продавници, ресторани и други продажни објекти, како и за испраќање барања за плаќање.

Сепак, воведувањето на овие дополнителни услуги ќе зависи од понудата и техничката подготвеност на давателите на платежни услуги.

Колку ќе чини префрлањето пари?

Едно од најважните прашања за граѓаните е колкава провизија ќе наплаќаат банките за ваквите трансакции.

Дали инстант плаќањата ќе чинат 10, 20 или 50 денари, дали ќе бидат вклучени во месечните банкарски пакети или банките ќе понудат бесплатни трансакции за одредени клиенти, ќе стане појасно со објавувањето на нивните тарифи.

Покрај брзината, токму цената ќе биде еден од клучните фактори за масовно користење на новиот начин на плаќање.

Што ќе се промени за компаниите?

Придобивки ќе имаат и малите бизниси, трговците и компаниите што продаваат производи преку интернет.

Продавачот ќе може да ја потврди уплатата веднаш, без да чека средства од друга банка. Тоа може да значи побрза испорака на производите, подобра ликвидност и поедноставна наплата.

Со новиот систем, парите повеќе нема да мора да го следат работното време на банките.

Доколку имплементацијата се одвива според предвидениот план, 2027 година може да донесе една од најзначајните промени во начинот на кој граѓаните во Македонија ги користат своите пари.

Б.С.