28 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВлатко Стефановски: Се обидувам да ја раширам мојата приказна подалеку

Влатко Стефановски: Се обидувам да ја раширам мојата приказна подалеку

vlatko stefanovski 254

„Не сакам многу да се наметнувам во медиумите, не сакам да ме има премногу, но во ова политизирано време, не е лошо да остане нешто и за музиката“, ја почнува својата приказна македонскиот виртуоз на гитарата Влатко Стефановски.

Тој во вторник на дружење со новинарите, ги најави двата концерта што заедно со Васко Атанасовски и стринг камерниот оркестар на словенечката филхармонија ќе ги одржи во сабота(21-ви март) во Домот на АРМ во Скопје.

Стефановски, по свој обичај скромно, говореше за претстојниот концерт во Домот на АРМ, за она што се обидува да го пренесе на луѓето, за енергијата пред концертот, за тимот со кој планира тоа да го изведе…

„Среќен сум и горд што можам некого да го научам малку од мојата приказна, да ја раширам мојата приказна пошироко и подалеку. Тоа е привилегија. Да можам јас да ги научам Словенците да го свират „Калајџиско оро“, тоа е привилегија. Тоа зборува за тоа дека сум успеал да се наметнам, сум успеал да продадам нешто, да им кажам „Е ова е добро, слушајте го“, а тие да речат „Да, ќе го купиме, или ќе го прифатиме, ќе го сфатиме како наше““, вели Стефановски.

Според него, и Битлси припаѓаат на цел свет, а не само на Британија.

„Што подалеку ја фрлиме нашата приказна, што подалеку ја пласираме, тоа нас нè збогатува“, додава Стефановски.

Тој раскажа и една мала случка, кога еден постар човек, пред еден билборд во Скопје на кој се рекламирал неговиот концерт, го прашал оти Словенечката филхармонија, а не нашата, Македонската.

„Настапив со Македонската филхармонија на Скопскиот џез фестивал пред две години и тоа навистина беше еден настан за паметење, за мене многу драг настан, кој за среќа телевизијата „Mezzo“ го сними и го има во својата архива. Јас не велам не, но овој бенд од словенечката филхармонија е подготвен за секакви авантури“, нагласува македонскиот виртуоз на гитара.

Вели дека членовите на стринг камерниот оркестар на словенечката филхармонија се малку пофлексибилни и поподвижни.

„Ова е малку поподвижен бенд, пофлексибилен бенд кој може да се спакува и да отпатува некаде. Тие на мојот концерт во Белград дојдоа со четири приватни автомобили, без некакви специјални подготовки. Ги викнав и дојдоа без многу поставување услови.

vlatko stefanovski 254444

Секоја соработка доаѓа ако двете страни покажуваат ентузијазам и желба да соработуваат заедно. Се разбира имам огромна почит кон Македонската филхармонија и верувам дека еден ден повторно ќе настапуваме заедно со некои други интересни програми“, порачува Стефановски.

Додава дека информацијата дека ќе мора да го премести концертот од Универзална сала ја добил среде интервју на радио и дека тоа по малку било шок за него.

„Јас ја сакам Универзална сала и мене ми е многу жал што и се случува тоа што и се случува, што кутрата сала се распаѓа, но тоа е реалноста и тоа навистина го доживеавме како еден шок. Сепак, планиравме да свириме пред полна Универзална пред 1.500 луѓе, но добро е што имавме еден период на вакуум. Јас на сред интервју на радио ја дознав таа информација, го завршив интервјуто без да знам каде и како ќе настапам. Во секој случај го задржав датумот, друг датум немаме, 21 март е денот кога ја дочекуваме пролетта. Се селиме во Дом на АРМ, кој воедно е дом на филхармонијата, така што мислам дека сепак ќе легне природно овој концерт, нема да биде нешто неприродно или нешто несоодветно. Тоа е добра сала, јас ја сакам таа сала, само што е мал капацитетот. Ќе направиме два концерта, веќе се договорив со своите пријатели и соработници, нема да им падне тешко верувам, ќе свириме малку подолго, ќе се потиме малку подолго, но сум го правел тоа во животот, нема да ми биде првпат да имам два концерта во една вечер“, вели Стефановски.

Тој додава дека не размислува многу за ордените и наградите, туку се обидува да не се заморува со тоа и што повеќе да создава.

„Наградите зборуваат за тие што ги дават, а не за тие што ги примаат. Човек не смее да бара признанија, тоа е многу патетично и нескромно. Ако нешто дојде како награда е добредојдено, ако не дојде, може ќе отиде кај некој друг или можеби ќе дојде некој друг ден. Јас не можам и не сакам да барам било што. Јас се обидувам што повеќе да направам, а сега дали некој тоа ќе го препознае и како ќе го вреднува, тоа е негов проблем“, додава Стефановски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП