Германија го отфрли предлогот од Атина даден во четвртокот, грчкиот аранжман за меѓународната финансиска помош да биде продолжен за шест месеци.
Официјален Берлин вели дека тоа „не е квалитетно решение“, бидејќи не ја обврзува Грција да се придржува до условите за странскиот пакет помош.
Германците внимателно составеното грчко писмо испратено преку електронска пошта го нарекуваат „Тројански коњ“ со кое Грција сака да ги избегне обврските, а германскиот однос најавува тешки преговори во петок на состанокот на Советот на министрите за финансии на земјите од еврозоната – Еврогрупата. Новата влада на Грција, во којашто доминира коалицијата на радикалната левица Сириза со малата партија од крајната десница Независни Грци, настојува да го избегне банкротот кој се надвиснува во следните неколку седмици, а Европската унија ќе биде изложена на притисок да направи нови отстапки, оценува Reuters.
Владата во Атина бара продолжување на Рамковниот договор за финансиската помош (MFAFA) со еврозоната, а не на целата програма за финансиска помош, на што инсистираат владите на земјите од монетарната унија предводени од германската.
Владата на премиерот Алексис Ципрас сака да добие финансиска помош, а истовремено да не ги прифати мерките за штедење и болните економски реформи кои се во сржта на програмата за помош на ткн „тројка“, Европската комисија, Европската централна банка (ECB) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Како најголем кредитор, Германија имам сила да го блокира договорот и да ја остави Грција на цедило, што би помогнало да ја турне кон излезот од еврозоната. Меѓутоа, функционерите во другите европски престолнини сметаат дека германската реакција е тактичка и предвидуваат договор кој ќе биде резултат на дополнителното натегање кое ќе се продолжи и на претстојниот викенд.
Грчки извори за тамошните медиуми велат дека грчкиот премиер Aлексис Ципрас во четвртокот 50 минути разговарал телефонски со германската канцеларка Ангела Меркeл. Reuters во својот осврт смета дека станува збор за првиот нивен сериозен разговор откако на 25-ти јануари на предвремените грчки парламентарни избори победи Сириза.
„Разговорот кој мина во позитивна атмосфера беше насочен кон барањето двострано прифатливо решение, и Грција и за еврозоната“, рекол грчкиот функционер. Портпаролот на германската влада Штефан Зајберт потврди дека телефонскиот разговор се случил, но не кажа ништо за неговата содржина.
Грчкиот министер за финансии, ЈанисВаруфакис, го поднесе споменатиот предлог по неколку денови преговарање со Европската комисија и со Јероен Дијселблом, претседателот на Еврогрупата, во којашто се министрите за финансии од земјите од еврозоната.
Функционери од Брисел, Париз и Рим го поздравија овој обид на владата, којашто беше избрана благодарение на ветувањето дека ќе го прекине договорот со странските доверители и ќе ги укине непопуларните мерки за штедење, да изнајде остварлива формула, меѓутоа Берлин вели дека предлогот е полн со празнини и оти не предвидува обврска за придржување на условите под кои на Грција ѝ е доделен пакетот меѓународна финансиска помош.
Портпаролот на министерот за финансии Волфганг Шојбле изјави дека грчкиот предлог не ги исполнува критериумите околу коишто Еврогрупата се договори и дека „оди во насока на можно финансирање без исполнување на барањата од програмата за помош“.
Вицеканцеларот и министер за економија, Зигмар Габриел, изјави дека тоа се важни економски реформи кои Грција е подготвена да ги преземе и додаде дека „Тоа писмо може да претставува само почеток на преговорите“.
На ваквите германски коментари веднаш реагираше Атина која запраша дали Германија зборува и во името на другите министри од еврозоната чии помошници во Брисел на состанокот во четвртокот веќе ги разгледуваа тие опции. „Петочниот состанок на Еврогрупата има само две можности: да се прифати или да се отфрли грчкото барање. А тогаш ќе стане јасно кој сака да се најде решение, а кој не“, изјави неименуван грчки функционер.
Германија може да смета на поддршката од северноевропските фискални „јастреби“ смета Reuters, како што се Финска и Холандија, но и од земјите како што се Шпанија и Португалија коишто исто така воведоа строги мерки за штедење во замена за надворешната финансиска помош и сега не сакаат Грција да добие поповолни услови.
Меѓутоа, и Грција има поддржувачи. Така италијанскиот министер за финансии Пјер Карло Падоан предупреди на опасноста од ткн грекзит, односно грчкото излегување од еврозоната, а во Франција која заедно со Германија го создаде еврото, социјалистичкиот премиер Мануел Валс изјави пред националниот парламент дека грчкиот потег претставува „охрабрувачки знак дека решението е можно, и тоа многу брзо“.