27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоддршка од ССК и Бизнис конфедерацијата за измените на законот за хонорарите

Поддршка од ССК и Бизнис конфедерацијата за измените на законот за хонорарите

premsetki 242

Сојузот на стопански комори на Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија денеска го поддржаа Предлогот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со кој се уважуваат дел од барањата на граѓаните за исплата на хонорари, а кој пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го достави до Собранието.

„ССК го поздравува предлогот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, со кој прагот на вработените лица и пензионерите кои остваруваат приход по основ на работа или по основ на пензија се качува на ниво на просечната плата исплатена во 2014 година. Придонесите ќе се плаќаат само на делот кој што е над просечната плата“, истакна заменик претседателот на ССК Сеад Кочан.

Од ССК уште во средината на декември минатата година истакнале дека новите законски измени од 1 јануари 2015 година со кои договорите за дело и авторските договори ќе влезат во системот на задолжително осигурување, се позитивни и ќе ја елиминираат нелојалната конкуренција меѓу компаниите, а хонорарците ќе добијат социјална сигурност и еднаков третман со работниците вработени на неопределено работно време.

„Она што ССК тогаш го предложи беше прагот да се помести на ниво на просечна плата во Република Македонија, наместо минималната плата. Анализите и консултациите со компаниите членови на ССК резултираа и со усвојување на предлогот и позитивен одговор, од страна на пратеничката група на ВМРО­ДПМНЕ која, како што информираа, подготвила предлог со кој би се одговорило позитивно на нашите барањата, но во исто време не би се изгубила главната цел и праведност на претходните измени на Законот. Ова е уште еден пример за јавно­приватно партнерство со бизнис заедницата и институциите“, додаде Кочан.

„Поддршка даде и Бизнис конфедерацијата на Македонија од каде посочуваат дека на тој начин сите граѓани кои работат како хонорарци ќе го почувствуваат бенефитот од нивната работа. Тоа ќе биде подобро и за граѓаните и за бизнис заедницата, пред се за категоријата граѓани кои се движат во рамки на просечната плата, кои навистина ќе можат да ги почувствуваат примањата. Нормално е дека треба да се плаќаат даноци и персоналниот данок кој е во прифатлива висина и од друга страна за бизнис заедницата е важно повторно да излезе од зоната на размилување како да го изигра Законот. Ова е состојба која што бизнис­заедницата може да си ја дозволи, односно ние на некој начин сме навикнати на тоа дека сите хонорари или сите исплати во однос на договор на дело или авторски договор дека се на некој начин пресметани во износот од 10 или 11 проценти како персонален данок“, истакна претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Тој додаде дека ваквите измени и дополнувања во Законот на некој начин претставуваат вклучување на сите граѓани и бизнис заедницата во борбата против нелојалната конкуренција и сивата економија.

Со најновите измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување се врши прецизирање и олеснување на условите за плаќање придонеси на надоместоците остварени по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид договор со кој се остварува надоместок.

Пратеничката група на ВМРО­ДПМНЕ предлага лицата кои остваруваат приходи од работен однос (вработени лица) и лицата кои остваруваат приходи по основ на пензија (пензионери) да бидат ослободени од обврската за плаќање придонеси доколку остваруваат дополнителни приходи на месечно ниво по основ на договор на дело, авторски договор или друг вид на договор, помали од износот на просечната нето плата исплатена во РМ во претходната година согласно податоците на Државниот завод за статистика (околу 21.300 денари). Овие лица, според предложеното, ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 21.300 денари. Ова, како што се наведува во соопштението, од причина што овие лица веќе се вклучени во системот на социјално осигурување.

Доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход по еден од овие основи помал од 21.300 денари, нема да плаќа придонеси.

Според предложеното, доколку вработено лице или пензионер оствари дополнителен приход од 27.000 денари, ќе плати придонеси само за разликата до просечната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.700 денари.

Лицата кои не се во редовен работен однос (невработени лица), а кои остваруваат надоместоци по основ на договор за дело, авторски договор или друг вид на договор, се предлага да бидат ослободени од обврската за плаќање на придонеси до износот на минималната плата утврдена со закон (9.590 денари). Овие лица ќе плаќаат придонеси само на износот кој го надминува овој праг од 9.590 денари. Ова, како што се наведува, е со цел да се заштитат интересите на лицата кои до сега се ангажираа по некој од овие основи, но на кои не им се плаќа пензиско и здравствено осигурување.

Според тоа, доколку невработено лице оствари дополнителен приход по еден од овие основи помал од 9.590 денари, нема да плаќа придонеси. Доколку невработено лице, пак, оствари дополнителен приход по еден од овие основи од 15.000 денари, ќе плати придонеси само на сумата над минималната плата, односно придонеси ќе плати само за сумата (разликата) од 5.410 денари. И во двата случаи олеснување е што придонеси ќе се плаќаат само на износот кој го надминува прагот од 9.590 ден (за невработените лица), односно прагот од 21.300 ден (за вработените и пензионерите). Ова значи дека лицата кои не се вработени, а остваруваат приходи по основ на договор, придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето надоместок и минималната плата.

Вработените лица и пензионерите кои остваруваат приходи по основ на договор, придонеси ќе плаќаат само на разликата меѓу исплатениот нето надоместок и просечната нето плата.

Лимитот за просечната нето плата за плаќање придонеси ќе се применува се до влезот на Република Македонија во Европската унија. По влезот во ЕУ, вработените и пензионерите ќе плаќаат придонеси на приходите остварени од дополнителна работа над износот кој го надминува прагот од минималната плата.

Доколку вработено лице остварува дополнителни приходи по основ на договор кај истиот работодавач или кај правно лице кое е капитално, управувачки и/или роднински поврзано со работодавачот, во тој случај придонеси ќе се плаќаат на целиот износ на приходите остварени по основ на договорот. Целта на ова решение е да се спречат евентуални злоупотреби на работодавачи кои ангажираат лица на минимална плата и плаќаат минимални придонеси, а им исплаќаат дополнителни приходи преку договори со што им го скратуваат правото за соодветна пензија. Ова решение, како што наведуваат од пратеничката група на ВМРО­ДПМНЕ, е во интерес на работниците.

Со цел постигнување поголема правичност, со измените на Законот ќе се укине и ограничувањето на највисоката основица за пресметка и плаќање на придонесите како по основ на плата, така и по основ на приходи остварени од договори за дело, авторски договори или друг вид на договор со кој е определен надоместок за извршена работа.

Со измените на Законот се предвидува дека придонеси ќе се плаќаат само на веќе исплатени хонорари.

Новите решенија од измените и дополнувањата на Законот ќе стапат на сила веднаш со денот на донесувањето и со оглед на тоа што се поповолни за граѓаните ќе се однесуваат и на пресметките и исплатите за приходите остварени во јануари 2015, преку порамнување.

Рокот за поднесување пријави во февруари 2015 година ќе биде до 25­ти во месецот, со цел овие измени да имаат ефект веднаш.

Пратеничката група на ВМРО­ДПМНЕ, како што истакнуваат, и во наредниот период ќе биде активно вклучена во подобрување на условите и можностите за сите граѓани на Република Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП