Фризерска дејност и сметководство се бизнисите за кои македонските жени претприемачи најмногу бараат поддршка од државата. Како што истакна денеска заменик министерот за економија Христијан Делев, тие мора да се охрабрат да работат и нешто друго.
„Веќе три години најмногу апликации по Програмата за поддршка има во делот сметководство/книговодство и фризерска дејност. Апелирам до македонските бизнис жени да бараат поддршка и за други дејности. Воедно би ги повикал да не се ограничуваат само на оваа Програма зашто државата нуди и многу други, како и повеќе мерки кои исто така се во насока на поттикнување на претпримеништвото“, нагласи Делев пред учесничките на тркалезната маса „Поддршка, поттик и промоција на жени претприемачи“.
Повикувајќи се на студија за Балканот, заменик министерот подвлече дека според странските искуства, секој што сака успешен бизнис, менаџерската позиција треба да и ја довери на жена.
„Процентуално, бизнис успехот кај жените е поголем од оној кај мажите“, додаде Делев.
Пратеничката Даниела Рангелова смета дека предрасудите и стереотипите за способноста, креативноста, храброста, се клучна причина поради која во Македонија се уште нема доволно бизнис жени, особено не на раководни функции.
„Жените воопшто не заостануваат зад мажите, по ниту една основа, а имаат многу причини за почнување и водење бизнис: стекнување независност, самостојност, успех и сигурност, лично задоволство и секако, задоволување на економските потреби“, посочи Рангелова, додавајќи дека досега во земјава се направени крупни чекори за интензивно вклучување на жените во економскиот развој.
Рангелова подвлече дека доколку постои јасна визија, добар бизнисплан, упорност и професионалност, успехот е загарантиран.
„Женското претприемништво полека но сигурно почнува да игра голема улога во Македонија. Се повеќе можеме да сретнеме жени на високи позиции во корпоративниот свет, но и жени сопственици на бизнис. Доказ за ова е официјалната статистика која вели дека околу 30 отсто од деловните субјекти се во сопственост на жени. Дополнително, европската статистика покажува дека над 30 проценти од претприемачите се жени. Сепак, овој процент има предуслови да се зголемува, бидејќи жените може да придонесат многу повеќе со поглед од поинаква перспектива и нови идеи“, напомена претседателката на ССК Данела Арсовска.
Арсовска потенцира дека за јакнење на улогата на бизнис жените во општеството, Сојузот на стопански комори пред две години формира Групација за жени претприемачи која денес брои 260 членки. Тие се генерално задоволни од владината поддршка во овој сегмент, но сепак сметаат дека треба да се размисли за нејзино зголемување.
Како што изјави Валентина Дисоска, сопственик на фирма за софтвер и член на Групацијата, неопходно е да се разгледа и можноста од различно третирање на малите, микро и старт ап фирми со големите компании во однос на законската регулатива и обврските.
Со државната поддршка на жените претприемачи моментно се покриваат 60 отсто од трошоците, но не повеќе од 120.000 денари по компанија.