20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖелезничко поврзување на државите од Коридорот 8

Железничко поврзување на државите од Коридорот 8

zeleznicapruga546464

Железничкото поврзување на земјите од регионот, осовременување на постоечката инфраструктура, како и размена на искуства и мислења околу развојот на железничкиот сообраќај во иднина, со цел негова конкурентност пред останатите начини на транспорт на стоки и патници се главните теми на конференцијата на раководители на железници од државите во регионот, што се одржува денеска во Охрид.

Претставниците на железниците од Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и на Бугарија се согласни дека коридорите претставуваат крвоток на железничкиот систем и сообраќај што ги спојуваат државите сообраќајно и економски.

Директорот на ЈП Македонски железници Инфраструктура Ирфан Асани истакна дека со обезбедување поголема брзина, комфор, достапност и сигурност ќе овозможи привлекување поголем број патници и поголем обем на транспорт на стоки преку железницата.Како особено важен проект во таа насока, беше нагласена потребата од заокружување на изградбата на делот за железничко поврзување на пристаништата Драч и Бургас во рамки на Коридорот 8, за што веќе се обезбедени дел од потребните средства преку ИПА фондовите на ЕУ, а веќе се започнати и дел од градежните активности на одредени делници од пругата во Македонија.

Веќе се работи на изградба на делницата Куманово – Бељаковце од Коридорот 8, идниот месец ќе потпишеме договор со Европската банка за обнова и развој за кредитирање на втората делница од Кичево до албанската граница, додека во тек е повикот за изведбениот проект на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, истакна Асани.

Тој нагласи дека заокружувањето на проектот за железничко поврзување на државите од Коридорот 8 се меѓу приоритетите на владите на сите три држави.

Поврзувањето на Албанија со Македонија во рамки на Коридорот 8 ќе придонесе за интензивна меѓусебна комуникација, што од една страна ќе генерира засилена стоковна размена, но и поефикасно патничко поврзување од што бенифит ќе оствари туристичкиот сегмент од стопанствата на двете земји, истакна директорот на Албанските железници Генци Ализоти.

Заменик-директорот на бугарската железница Златин Крумов од своја страна укажа на потешкотиите со кои се соочува Бугарија во реализирање на проектот на изградба на железникиот крак од Радомир до Ѓуешево, затоа што е трасиран во строго заштитена еколошка зона, како и сложена конфигурација на теренот.

Тој нагласи дека независно од таквите околности, Бугарија е решена најдоцна до 2020 година да го изработи сета потребна техничка документација за неговата изградба, притоа нагласувајќи ја неговата важност како за националното стопанство, така и како предуслов за економски развој на регионално ниво. Бугарија и во иднина како и досега активно ќе лобира пред ЕК за заокружување на проектот за железничко поврзување на Коридорот 8, истакна Крумов.

Очекувањата се дека целосно проектот за железничко поврзување на Албанија, Македонија и на Бугарија преку Коридорот 8 ќе биде завршен до 2022 година. Првичните проценки изведени од студијата за изградба на коридорот укажуваат дека на таа пруга дневно ќе сообраќаат 11 композиции, како транспортни возови, така композиции за превоз на патници, што се очекува да придонесе за дополнителен економски развој на трите држави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП