22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАБитка за американскиот пазар: Што се случува со цената на нафтата?

Битка за американскиот пазар: Што се случува со цената на нафтата?

ceni-nafta-namerikanski-pazar

Цената на суровата нафта минатата недела падна на 73,21 долари по барел, што е и најниско ниво во последните четири ипол години.

И додека министрите во Иран, Либија и Венецуела побараа да се преземат мерки кои би спречиле дополнителен пад на цената, Саудиска Арабија и Кувајт и понатаму одбиваат ОПЕК да ги намали производните квоти за наредната година.

Покрај тоа, Саудиска Арабија неодамна повторно ја намали цената на сировата нафта и тоа втор месец по ред. За разлика од претходниот пат, сега е намалена цената исклучиво за американскиот пазар. Многумина сметаат дека ова намалување на цената стратешки потег со цел да се оштетат американските производители. И додека некои аналитичари сметаат дека започнува нова „Студена војна“ помеѓу САД и Саудиска Арабија, други сметаат дека со овој потег Саудиска Арабија само се обидува да го одбрани својот дел на пазарот од останатите извозници во САД.

Факт е дека откако САД започнаа со алтернативни начини на производство на сурова нафта од шкрилци, глобалниот пазар за овој енергенс е значајно променет. САД, еден од најголемите светски потрошувачи на сурова нафта, значително го намали својот увоз и тој моментално е на најниско ниво од  1987 година. Долгогодишниот сон на западот да ги собори на колена ОПЕК повторно оживеа.

Прекумерните залихи во комбинација со бавното закрепнување на глобалната економија  ја намалија побарувачката како во Европа така и во Кина. Поради тоа Саудиска Арабија, која покрај Канада е најголем извозник на нафта во САД, се обидува да го задржи својот дел на пазарот и со ваквите ниски цени се обидува да ги одалечи од пазарот или барем да го лимитира присуството на американските производители. Производството од шкрилци е поскапо од традиционалниот начин на производство и ваквите ниски цени на саудиската нафта можат да ги направат непрофитабилни во очите на инвеститорите што како последица би можело да има намалување на производството, намалување на залихите и отворен пат на нов увоз од Саудиска Арабија.

Meѓутоа, за сега никој не е спремен да ги стави своите карти на маса. Производителите од Канада, Русија, Саудиска Арабија и САД, упорно го бранат својот дел од пазарот и покрај тоа што тоа дополнително ја намалува цената. Канадските произведувачи на нафта од нафтен песок ги зголемија планираните капитални расходи за 2015 година и според нивните пресметки додека цената не се спушти до 40 или 50 долари по барел, тие немаат намера да ја менуват својата деловна стратегија.

Спрема претходните пресметки, производството во САД во 2017 година, требало да порасне до 2,8 милиони барели на ден, но по цена од 90 долари по барел. Доколку цената се спушти по 65 долари, спрема Barclаys, претходните прогнози ќе бидат намалени на малку над милион барели на ден.

IEA (Меѓународна агенција за енергија) очекува земјите членки на ОПЕК да го зголемат својот удел на глобалниот пазар од 42 проценти, колку што имаат сега, на 49 проценти до 2040 година.

Ако се земе предвид дека Саудиска Арабија втор месец по ред го намалува производството и дека таа во моментов е на најниското ниво во последните седум месеци, можеби, на состанокот на ОПЕК кој е закажан на 27. ноември може да дојде до изненадување и намалување на производните квоти за наредната година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП