Предложеното пролонгирање на либерализацијата на пазарот на електрична енергија денеска доби поддршка од Собранието на Република Македонија. Со измените што беа изгласани се предлага либерализација да се одвива во пет фази, да почне од 1 јули 2016 и да заврши во јули 2020 година кога треба да излезат на слободен пазар и домаќинствата.
Главната цел, според предлагачот, е да се заштити стандардот на граѓаните, бидејќи анализите покажале дека доколку се излезе на слободен пазар сега сметките за домаќинствата ќе се зголемат за над 20 проценти.
„Не станува збор за одлагање, туку за продолжување на рокот за либерализација на пазарот на електричан енергија. Најден е метод за да не се зголеми цената кај крајните потрошувачи. Ако го дозволевме тоа сега кај 620 илјади корисници ќе се зголемеше цената на сметката во просек за 1.000 денари“, појасни заменик-министерот за економија Христијан Делев.
Додаде дека неколк месеци Владата и Министерството за економија работеле на оваа проблематика со цел да се најде најсоодветно решение и оти по ова прашање се исконсултирани сите релевантни институции.
„Со измените се предвидува либерализацијата на пазаорт на електрична енергија да започне на 1 јули 2016 година за корисниците со потрошувачка од над 1.000 мегават часови годишно, на 1 јули 2017 за оние со потрошувачка од над 500 мегават часови, на 1 јули 2018 за потрошувачите со потрошувачка од над 100 мегава тчасови, на 1 јули 2019 со над 25 мегават часови годишно и на 1 јули 2020 година за сите останати потрошувачи и за над 600.000 домаќинства. Во меѓувреме ќе се инвестира во делот на нови извори во енергетиката, како и во делот на гасификацијата со цел да има поголем избор кога ќе заврши либерализацијата“, рече Делев.
Тој посочи дека и во моментов Македонија е лидер во регионот и пошироко со степенот на либерализација на пазарот на електрична енергија кој заклучно со април годинава изнесува 44 отсто.
Според Делев, со овие измени е предложен пристап кој овозможува да има фазно зголемување на цената и да се избегне енергетските компании да имаат проблеми со ликвидноста со што би се избегнало нарушување во снабдувањето.
„Доколку не ги усвоевме измените ќе влијааше на цената на електрична енергија, бидејќи условите во Европа не се поволни во енергетската област“, рече Делев и додаде дека Владата не може да дозволи да прифати берзанската цена на електричната енергија да биде основен репер за пресметување на цената.
Љупчо Димовски од Социјалистичка партија истакна дека целта е да се заштити животниот стандард на граѓаните со оглед на тоа што глобално се наоѓаме во сериозна енергетска криза.
„Кога потребите за гас нема да може да бидат задоволени, во таков момент се зголемува потребата за електрична енергија и во тој случај доаѓа до драстично зголемување на нејзината цената“, истакна Димовски.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, посочи дека не може да се игнорираат глобалните случувања во енергетскиот сектор во целина и оти приоритет треба да биде интересот на граѓаните.
Неговиот сопартиец Александар Николоски посочи дека ова е најлогичниот потег што е преземен ако се најавува зголемување на цената за 20 проценти.
„Важен е мотивот, а тој во моментов се однесува директно на граѓаните бидејќи целта е да им го олесниме животот“, истакна Николоски.
Забелешки на донесувањето на измнените упатија присутните пратенички од опозицијата. Роза Топузова Каревска потенцира дека тоа се прави без никакво објаснување и јавна расправа.
„Ова е сериозна работа и со ова одложување се нанесува тежок удар врз стопанството, бидејќи тие веќе направиле свои планови“, истакна Топузова-Каревска.
Според неа, ова е уназадуваање во областа на енергетиката и ќе биде многу штетно.
Солза Грчева сметаше дека не требаше никако да се одложи либерализацијата.
„Сметам дека тоа е неморален и несериозен чин“, посочи Грчева.
Собранието во рамки на денешното продолжение на 17-та седница ги донесе и измените и дополонувањата на Законот за тутун и тутунски производи со кои се предвидува воведување електронски систем за следење на вкупните површини, како и количините на тутун што се засадуваат, кои се производители, кои се откупувачи, а со цел да се избегнат двојни или тројни договори кои се проблем во планирањето и градењето стратегија во планирањето на откупот на тутунот и исплатата на субвенциите.
Меѓу измените се и оставањето простор на откупувачот во случај да не може да обезбеди банкарска гаранција да може да обезбеди финансиски средства на посебна банкарска сметка, како и полагање испит за проценител кој ќе се одвива во електронска форма и оние кои ќе го положат ќе преминат на терен. Целта, како што рече заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, е да се врши објективна и фер проценка на тутунот.