18 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГеоргиевски: На Гугл Стрит Вју само со замаглени ликови и регистерски таблички

Георгиевски: На Гугл Стрит Вју само со замаглени ликови и регистерски таблички

gty

Од 29 септември Гугл започнува со снимање на локации низ Македонија за да го подобри квалитетот на функцијата Стрит Вју во рамки на апликацијата Гугл Мапс. Канцеларијата на компанијата во Атина од Дирекцијата за заштита на лични податоци добила дозвола за извршување на пренос на податоци во нивното седиште во Калифорнија, САД, иако личните податоци на граѓаните не се предмет на ова снимање туку територијата, улиците, локации…

„Уште пред шест месеци бевме контактирани од Гугл и нивната подружница во Атина за можноста за спроведување на активности за снимање на територијата на нашата земја, за подобрување на квалитетот на услугите на Гугл Макс, односно Гугл Стрит Вју. Според наша надлежност тие беа упатени да испратат барање на пренос на податоци коишто ќе бидат собрани во текот на снимањето, а тоа се пред се лични податоци на луѓето кои би биле опфатени со снимањето. Инаку, во основа се снима територијата, улиците, локации. Општо личните податоци на граѓаните не се предмет на ова снимање, но поради избегнување на секаква можна појава на злоупотреба, случајна или намерна, ги презедовме сите мерки со укажување и со издавање на решенија за дозвола за извршување на преносот на податоците во нивното седиште во Калифорнија, САД, се со цел да биде усогласена активноста со прописите за заштита на личните податоци“, изјави за МИА директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци Димитар Георгиевски.

На сликите наменети за Стрит Вју, пред да бидат објавени ќе има замаглување на лицата и регистарските таблички. Георгиевски е дециден дека во конкретниот случај освен овие две категории на лични податоци за друго не станува збор.

„Да сме на јасно, тоа се регистарски таблички од возила и се разбира физичките лица односно нивните ликови како фигури, како лица. Друго досега не е дијагностицирано како можна појава при снимање која би предизвикала попречување, односно прекршување на прописите за заштита на лични податоци“, изјави Георгиевски.

Во Италија, Гугл поради непочитувањето на овие правила за замаглување односно преземање на организациски и технички мерки за спроведување на снимањето беа направени повреди на приватноста на физички лица случајни минувачи платил отштета од милион евра.

„Поучени од таквото искуство тие веќе се обраќаат до органите на заштита на личните податоци во земјите каде што го вршат ова снимање со цел да бидат усогласени и во корелација со барањето од односните закони за заштита на лични податоци. Секако, доколку некој од нашите граѓани се види на фотографиите што ќе бидат направени и не бидат доволно замаглени има можност директно на Гугл да побараат да се направи дополнително замаглување на ликот, а секако и ние стоиме како гарант на целиот овој процес бидејќи сме орган за заштита на лични податоци. Во крајна смисла ние сме одговорни да го контактираме Гугл за секое поединечно барање што ќе го добиеме од граѓаните на РМ за бришење или замаглување на ликот“, истакна Георгиевски.

Според информациите од правните застапници на Гугл, адвокатско друштво од Скопје, појаснува Георгиевски, снимањето ќе почне на 29 септември и ќе трае не подоцна од 15 ноември.

„Тоа ќе биде со возила со посебна опрема – камери. Првично, според нивните најави, ќе бидат опфатени поголемите градови. Освен споменатите Битола и Скопје, ќе бидат и Куманово, Прилеп и Тетово, но во подоцнежната фаза ќе биде опфатена и целата територија на нашата држава. Вкупно, првично најавата е за 1.350 километри за покривање на трасите по кои ќе поминуваат возилата кои ќе го вршат ова снимање“, изјави директорот на ДЗЛП.

Директорот на Дирекцијата за заштита на податоци вели дека доколку нивни претставници добијат покана да присуствуваат на снимањето на Гугл, тие би присуствувале.

„Доколку добиеме покана зошто да не. Со оваа активност ќе им се овозможи на нашите граѓани, но и на компании и воопшто на целото општество поголем и побрз напредок во смисла дека добивањето на правовремени и квалитетни информации коишто секогаш се изразени и во слика и во текст за тоа што се нуди Македонија, дури и за економија и слично, ќе биде од општа корист, изјави Георгиевски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП