26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтаврески: Исклучително голем одѕивот на граѓаните за отпис на долговите

Ставрески: Исклучително голем одѕивот на граѓаните за отпис на долговите

Stavrevski_zoran

Одѕивот на граѓаните за мерката отпис на долговите е засега исклучително голем и заклучно со вчерашниот ден има над 29.000 барања поднесени во центрите за социјални работи ширум Република Македонија.

Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески апелирајќи до граѓаните да не го чекаат последниот ден и што е можно порано да ги посетат центрите за социјална работа да поднесат барање и да ја искористат оваа мерка на Владата.

Првите решенија, како што рече вицепремиерот, очекува да се доделат во втората половина од октомври, откако ќе заврши рокот за поднесување на барањата. Во следниот период, појасни, останува комисиите да ги обезбедат потребните документи по службена должност, дополнително од она што го доставуваат граѓаните и да ги проверат податоците.

Најмногу барања, како што информира министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, се поднесени во Скопје над 8.800, потоа Куманово со над 4.000 барања, следуваат Прилеп, Тетово, Гостивар и Струмица со 1.500 до 2.500 поднесени барања.

Тој ги повика граѓаните што ги поднесуваат барањата да доставуваат комплетно, односно да наведуваат во која категорија припаѓаат и за каков долг бараат отпис.

„Во досегашната постапка како недостаток констатиравме дека можеби поради недоволна информираност на граѓаните во барањата не назначуваат во која категорија припаѓаат како баратели за отпис на долговите и за каков вид долг бараат отпис. Ги поттикнувам за барањата да бидат комплетеирано. Ние дел од барањата ги имаме вратено во центрите за социјална работа за нивно дополнување“, изјави Спасов.

Додаде дека се уште е рано да се каже од која категорија се најбројни барањата и на кој вид отпис на долг се однесува, но очекува најмногу да бидат поднесени од примателите на социјална помош. Комплетните податоци ќе бидат објавени откако ќе се направи финалната анализа.

Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август, а крајниот рок е 13 октомври до 16 часот и 30 минути. Се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио-дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барања може да поднесат лица примателите на социјална помош, невработените и лицата што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП