Енерџи деливери солушнс (ЕДС) ги повикува сите компании до 15 ноември да одлучат кој ќе ги снабдува со електрична енергија, бидејќи во спротивно ќе бидат снабдувани во краен случај и ќе плаќаат повисока цена. На домаќинствата, пак, им препорачува да останат на регулираниот пазар зашто нуди пониска цена од пазарната.
„Сите потрошувачи имааат две можности на избор – да одат на слободен пазар или да останат на регулираниот пазар на електрична енергија чии услови ги одредува Регулаторната комисија за енергетика. Рокот за склучување на договори со снабдувачите истекува на 15 ноември годинава, а доколку потрошувачот не склучи договор по автоматизам останува на регулираниот пазар. Ги повикуваме компаниите навреме да склучат договори со било кој од снабдувачите, бидејќи се очекува по 1 јануари 2015 година да имаат цени за 30 до 40 отсто пониски од сегашните“, рече сопственикот на ЕДС, Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција.
Тој им порача на правните лица дека нема да има потреба да направат никакви измени во нивното работење ниту кадровски ниту, пак, технички доколку склучат договор со снабдувач, бидејќи, како што рече, на тој начин само ќе го сменат снабдувачот со електрична енергија, а целокупното работење ќе остане како досега.
„Броилата, каблите и приклучоците остануваат исти, а ЕДС ќе се прилагоди на новиот систем без никакави дополнителни трошоци. Нашиот процес на давање на понуди е целосно транспарентен и секој што ќе побара понуда ќе види точно колку заштедува. Ние немеме скриени клаузули во договорот и тоа што компаниите го потпишуваат со нас и го добиваат. Затоа и досега 64 проценти од компаниите ни дадоа комплетна доверба и добиваат целосна услуга поевтина за 25 до 30 отсто. Сите заинтересирани можат да ги остават нивните податоци за потрошувачка на нашата интерактивна веб-страница www.eds.mk и по автоатизам ќе добијат понуда која е различна за секој потрошувач. Договорите се флексибилни и се за период од три до 24 месеци“, рече Анѓушев.
Тој посочи дека оние што ќе склучат договор со снабдувач од 1 јануари идната година ќе добиваат фактура со две одделни сметки од кои едната ќе биде за мрежарина и ќе се плаќа на операторот на мрежата, а втората ќе биде за потрошената електрична енергија и ќе биде издадена од снабдувачот. Во втората сметка ќе биде и пазарнината кон МЕПСО.
Појасни дека компаниите кои од 1 апрли годинава излегоа на слободниот пазар на енергија во моментов плаќаат цена од околу 75 евра за мегават час, додека регулираната цена е 96,5 евра за мегават час.
„На компаниите кои ќе се одлучат да излезат на слободниот пазар им препорачувам со снабдувачите да разговаат само за цената по која ќе ја добиваат електричната енергија и да не наседнуваат на понудите кои ќе им нудат поголема сигурност и безбедност, бидејќи тоа зависи од мрежата која е иста за сите. ЕДС има најдобри понуди за компаниите и може да гарантира најниска цена на електричната енергија за целиот тек на траењето на договорот, бидејќи има најголемма балансна група на слободниот пазар со удел од 64 отсто“, рече Анѓушев.
Прашан зошто ЕДС не нуди поволности и за домаќинствата и им препорачува и по 1 јануари 2015 година да останат на регулираниот пазар, Анѓушев рече дека во моментов не може да им понудат пониска цена од регулираната која има социјална нота што ја поддржуваат.
„Домаќинствата сега плаќаат просечно по 72 евра за мегават час, цена што ја одреди Регулаторната комисија за енергетика и што ќе важи до 1 јули 2015 година. На слободен пазар не може да се постигне таа цена бидејќи просечната цена на мегават час електрична енергија за 2015 година се движи од 43 до 44 евра. Ако на тоа се додаде и цената за мрежарина од 38 евра што ја одреди Регулаторната комисија од кои 33,3 евра одат за ЕВН и 4,7 евра за МЕПСО излегува дека би можело да се понуди цена од 81 до 82 евра без никакви трошоци што е повисока за 15 отсто од регулираната. Затоа им препорачуваме на домаќинствата да останат на регулираниот пазар до 1 јули 2015 година, а потоа во зависност од цената што ќе се одреди за наредната година ќе им понудиме нешто или не“, рече Анѓушев.