16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонска делегација учествува на Кинеско-инвестицискиот форум во Прага

Македонска делегација учествува на Кинеско-инвестицискиот форум во Прага

Prague_-You-didnt-know_-10

Чешкиот главен град Прага, денеска и утре е домаќин на Кинескиот инвестициски форум, организиран од страна на Мешаната чешко-кинеска трговска комора, јави дописникот на МИА.

На дводневниот Форум, кој ќе биде отворен со говор на чешкиот премиер Бохуслав Соботка, а на гала вечерата домаќин ќе биде претседателот на државата Милош Земан, учествуваат над 1.200 гости меѓу кои и делегација на Република Македонија предводена од министерот за странски инвестиции Бил Павлески.

Во делегацијата, покрај претставници на Министерството за економија и Одделението за странски инвестиции се и претставници на локалната самоуправа, меѓу кои и Коце Трајановски, градоначалник на Скопје и претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа на Република Македонија – ЗЕЛС и Невзат Бејта, градоначалник на Општина Гостивар.

Регионалните лидери со гувернерите на кинеските провинции ќе потпишат договор за соработка, за основање на заедничка Асоцијација на Гувернерите на Провинциите од Народна Република Кина и Преставниците на земјите од Централна и Источна Европа, со седиште во Чешка.

Македонскиот министер за инвестиции Бил Павлески ќе учествува на панел дискусиите со тема „Влезот на кинеските компании во регионот на Централно – источна Европа“ и „Транспортот и авионската индустрија“.

Тој ќе одржи и низа билатерални средби со колегите и учесници на состанокот.

Форумот е почеток за остварување на идејата на чешката Влада за подобрување на политичките и економските односи со азискиот гигант, која беше најавена уште на почетокот на стапувањето на власт.

Кинескиот инвестициски форум е дел од Варшавската иницијатива за соработка меѓу Кина и 16 држави од Централна и Источна Европа, промовирана во 2012 година, за проширување на кинеското влијание во овие земји со засилена трговија, политички сојузи, воспоставување поблиски односи со владите и компаниите во регионот.

Македонија е меѓу првите држави што ги искористија бенефициите од инвестицискиот фонд од 10 милијарди долари за Централна и Источна Европа.

Република Македонија и Народна Република Кина потпишаа договор за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата, за изградба на автопатските делници од Миладиновци – Штип и од Кичево – Охрид.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП