Иако 75% од возрасните граѓани поседуваат дебитна картичка, дигиталните плаќања сè уште заостануваат. Во Македонија, 84,3% од возрасното население поседува сметка во финансиска институција, а 75,2% има дебитна картичка. Овие показатели се речиси идентични со оние во Србија и со просекот на економиите со повисок среден доход. Но, кога станува збор за реалната употреба на дигиталните платежни услуги, сликата е значително поинаква. Само 27,4% од возрасните граѓани користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, наспроти 61,8% во економиите со повисок среден доход. Слична разлика се забележува и кај користењето мобилен телефон или интернет за купување производи и услуги – 28% во Македонија, наспроти 60,4% кај споредбената група економии.
Најновото истражување на Асоцијацијата за Е- трговија покажува дека проблемот не е толку во тоа дали граѓаните имаат пристап до финансиски инструменти, туку дали и како ги користат. Податоците велат дека македонските граѓани купуваат онлајн, но половина плаќаат исклучиво во кеш. Овој јаз станува уште поочигледен кога ќе се погледнат платежните навики на граѓаните кои веќе купуваат преку интернет.
„Според Global Findex 2025, околу половина од онлајн купувачите во Северна Македонија користеле дигитално плаќање или 50%, слично како во Србија 49,3% , додека во економиите со повисок среден доход овој удел достигнува 90,9%. Микроподатоците од Global Findex 2025 на Светската банка, собрани во 2024 година, овозможуваат подетален увид во начинот на плаќање. Анализата на 263 испитаници кои купувале физички производи преку интернет покажува дека: 50% плаќаат исклучиво во готовина при достава, 37,2% користат и готовина и онлајн плаќање, само 12,7% плаќаат исклучиво онлајн“, се наведува во анализата на Ацоцијацијата за Е- трговија.
Податоците велат дека дури 87,3% од онлајн купувачите користат готовина при достава барем понекогаш, додека само приближно еден од осум купувачи целосно се потпира на дигитално плаќање.
Возраста прави најголема разлика односно, 82% од онлајн купувачите над 55 години плаќаат исклучиво во готовина. Дополнителната статистичка обработка на микроподатоците открива дека платежните навики значително се разликуваат меѓу генерациите. Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3% плаќаат исклучиво во готовина. Кај лицата од 35 до 54 години овој удел изнесува 49,4%, додека кај купувачите на возраст од 55 години и повеќе достигнува дури 81,8%. Со други зборови, повеќе од осум од десет повозрасни онлајн купувачи плаќаат исклучиво во готовина при достава.
Дополнителната статистичка анализа покажува дека возраста останува силно поврзана со изборот на готовина и кога се земаат предвид другите демографски и социоекономски карактеристики. Разлики меѓу градовите и руралните средини, но не и меѓу мажите и жените. Дополнително, разлики се забележуваат и според местото на живеење и доходот. Во руралните средини, 60% од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, наспроти 41,4% во урбаните средини.
Кај купувачите од двата најниски доходовни нивоа 66,5% користат исклучиво готовина, додека кај оние од двата највисоки квинтили овој удел изнесува 43,2%. За разлика од возраста, доходот и местото на живеење, полот речиси и да не прави разлика: 50,5% од жените и 49,6% од мажите кои купуваат онлајн плаќаат исклучиво во готовина.
„Денес веќе не е доволно да зборуваме само за тоа колку граѓани купуваат онлајн. Треба да погледнеме и како го завршуваат купувањето. Податоците покажуваат еден интересен парадокс – имаме висока распространетост на банкарски сметки и платежни картички, но половина од онлајн купувачите и понатаму плаќаат исклучиво во готовина при достава. Тоа значи дека дигитализацијата на купувањето не значи автоматски и дигитализација на плаќањето. Ако сакаме вистински напредок, треба да работиме на довербата, дигиталната писменост и создавањето услови онлајн плаќањето да биде едноставен, безбеден и привлечен избор за сите генерации“, истакнува д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија.
Според претседателката Ангеловска, решението не е укинување на кешот, туку создавање подобри услови за дигитално плаќање. Наодите укажуваат дека зголемувањето на дигиталните плаќања бара повеќе од развиена техничка инфраструктура. Потребни се активности за градење доверба, едукација на потрошувачите, подобро корисничко искуство и дополнителни стимулации за користење безготовински платежни методи.
И.П