Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија оваа година е послабо оценета во однос на лани според анкетата и тајните клиенти на Министерството за информатичко општество и администрација, спроведена во јуни и јули.
Од 30 подрачни одделенија на Агенцијата, годинава биле анкетирани 10, а од нив севкупно најлоша е состојбата во Тетово, Гостивар и Крива Паланка, каде што предметите се решаваат најбавно и најчесто односот на вработените кон странките бил нељубезен.
Најдолго за решавање на предмети се чекало во Тетово, а најкратко во Охрид – од 5 до 15 минути. Охрид, заедно со Кавадарци, оваа година има најдобри резултати.
Министерот Иво Иваноски, кој вчера ги соопшти резултатите од задоволството на граѓаните за услужноста на администрацијата во 11 државни институции, од денеска почна да ги посетува тие што покажале слаби резултати. Со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Славчо Трпевски разговараше како тие да се надминат.
Анкетата покажала дека во Битола, Штип и Пробиштип најчесто биле враќани странките поради нецелосна документација. Министерот потсети на донесениот закон во 2013 година кој овозможува функционирање на едношалтерскиот систем, со кој странката не смее да биде вратена доколку предметот не е докомплетиран со документи кои ги поседува друга државна институција.
Рече дека ќе испрати инспектори во одделенијата на Катастарот во тие три општини кои често ги одвраќаат клиентите од своите шалтери во други институции и напомна дека за непочитување на Законот за размена на документи по службена должност се казнува и вработениот, и раководителот и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, со 3.000, 6.000 односно 15.000 евра. Ги повика граѓаните кои ќе наидат на таков проблем да се обратат во МИОА или во Државниот управен инспекторат.
„Генерално, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија има опаѓање во споредба со минатата година и тоа се должи на неколку одделенија за кои просекот е под нивото на задоволителен и поради тој просек ја нарушува целата слика на функционирањето на Агенцијата“, рече Иваноски.
Трпевски рече дека катастарските одделенија со најлоши резултати – Тетово, Гостивар и Крива Паланка го нарушуваат имиџот на целата Агенција и дека тој лично ќе ги контролира.
„Овие одделенија ќе бидат под посебна контрола и грижа лично од мене. Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија во изминатиот период направи многу реформи, многу од нив се во тек но, очигледно, не се доволни и како Агенција ќе преземеме дополнителни реформи се со цел сликата што ја имаме во моментов значително да ја подобриме“, рече Трпевски.
Бидејќи граѓаните не се доволно информирани до каде е постапката за нивниот предмет, иако уште од 2010 година е воспоставен електронски систем за детаљно следење на секој предмет, на денешната средба било заклучено и дека е потребно да се преземат мерки за подобро информирање на граѓаните како да ги следат предметите.
Според оценката на тајните клиенти, во некои одделенија не било одговарано на телефонски повици, па затоа е договорено да се воведе централна линија која ќе ги прифаќа повиците на кои не им се одговара и по неколку ѕвонења.
Трпевски посочи и на ефикасноста на Агенцијата – од 1 милион примени предмети годишно нерешени остануваат околу 0,2 проценти. Зборувајќи за реформите, рече дека досега се дигитализирани 43 проценти од катастарските планови. Агенцијата е во фаза на реорганизација и согласно со новиот закон треба да има осум регионални центри.
Министерот Иваноски најави дека во наредните денови ќе продолжи да посетува и други државни институции кои покажале слаби резултати на анкетата. Оваа година граѓаните најмногу биле задоволни од севкупната работа на Централниот регистар, а најниска оценка имаат центрите за социјални работи и Одделението за лични документи на МВР.