23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФинансиска поддршка од 1,6 милиони денари за пет кластерски здруженија

Финансиска поддршка од 1,6 милиони денари за пет кластерски здруженија

bnm

Пет кластерски здруженија денеска добија решенија за финансиска поддршка од вкупно 1,6 милиони денари за реализација на нивните проекти.

Решенијата се дел од владината Програма за конкурентно, иновации и претприемништво 2014, а ги врачи министерот за економија Беким Незири.

„Суштината на постоењето на кластерите, посебно атрактивни за малите и средните претпријатија, е иницирање заеднички активности и проекти за развој на секторот, регионот, иновациите и извозот преку зголемување на соработката меѓу фирмите, науката и други развојни чинители. Успешното поврзување во кластер резултира со мрежа од заемно корисни врски за размена на информации, идеи, нови технологии, истражувања, стекнување способности, пазари, нови деловни модели…“, истакна Незири пред доделувањето на решенијата.

Според него, резултатот од функционирањето на кластерските здруженија во Македонија е евидентен и веќе има ефект врз стимулирањето на економијата.

„Целта не е само размена на искуства и знаења, туку и градење стратегии за развој, како и извозна промоција“, напомена министерот.

Државата ги поддржува активностите на кластерските здруженија преку програми од 2009 година. За 2014 до Министерството за економија пристигнале 14 проекти од кои се избрани најдобрите, креирање национална асоцијација на кластери и развивање курикулми за тренинг центар – 400.000 денари, конфекциско инжинерство – 393.400 денари, активности за зголемување на конкурентноста, подобар квалитет на производите преку едукација и показно демонстративни платформи за сушење печурки – 380.000 денари, изработка на промотивен извозен каталог – 295.500 денари и поврзување со универзитетите – 131.100 денари.

Во петте кластерски здруженија кои ја добија финансиската поддршка членуваат 120 компании со околу 20 илјади вработени.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Незири потсети дека од пред еден месец во Македонија постои фонд за иновации. Тенденцијата е да се обезбедат што повеќе средства за поддршка на ваквите проекти, но и интензивно едуцирање особено на локалните здруженија од оваа сфера – како да аплицираат и кои услови да ги исполнат за искористување што повеќе пари.

„Владата сака да иницира различни проекти. Подготвени сме да ги поддржуваме и финансираме, но паралелно подготвуваме и програми за едукација. Обезбедените средства засега не се на потребното ниво. Ќе настојуваме до година да ги зголемиме, како и да се интензивира реализирањето на веќе проектираните“, посочи министерот за економија Незири.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП