19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМаксимална поддршка на стопанските комори од Министерството за економија

Максимална поддршка на стопанските комори од Министерството за економија

bekim neziri 22

Министерот за економија Беким Незири денеска оствари средба со претседателите на Стопанската комора на Македонија, на Сојузот на стопански комори и на Стопанската комора на северозападна Македонија, Бранко Азески, Даниела Арсовска и Мендерес Кучи.

Незири ги запозна соговорниците со целите на Министерството за економија, во насока на подобрување на климата за водење бизнис и им вети целосна поддршка во сите сфери кои се под негова надлежност.

„Од вас очекувам да бидете директни креатори на економските политики. Ќе ја продлабочиме соработката, ќе ги детектираме недостатоците, ќе подготвиме акциски план за начинот и времетраењето на решавање на сите проблеми. Од вас барам во Министерството за економија да гледате наш заеднички дом во кој ќе работиме за постојано подобрување на економијата на Република Македонија“, истакна министерот Незири.

Тој изрази уверување дека ќе лобира за реализација на сите нивни барања што се аргументирано предложени, реални и спроведливи.

Изразувајќи благодарност за поканата и понудената поддршка, претседателите на коморите побараа од министерот разјаснување на условите кои домашните компании треба да ги исполнат за да влезат во индустриските развојни зони. Како прашања на кои треба да се работи идниот период ги посочија изнаоѓањето начини на мотивирање на граѓаните да ги инвестираат средствата кои им се депонирани во банките чиј износ е над 4,3 милијарди евра, како и долготрајноста на судските постапки.

Министерот Незири понуди, а претставниците на трите стопански комори се согласија да одржат редовни месечни средби со цел елиминирање на сите бариери и подобрување на бизнис климата во земјата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП