29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоговорени тарифите за пуштање музика во хотелите и угостителските објекти

Договорени тарифите за пуштање музика во хотелите и угостителските објекти

restorani muzika

По два денара од ноќевање ќе плаќаат хотелите за пуштање музика од домашни и странски изведувачи, додека угостителските објекти, зависно од површината на локалот, максимум 270 денари. Ова се месечните тарифи утврдени со Договорот што денеска го потпишаа Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија и Македонската музичка индустрија (ММИ).

Освен годинава, овој надомест ќе важи и ретроактивно, за 2013 година. И Здружението и ММИ очекуваат хотелирите и угостителите да го плаќаат со оглед дека цената, како што посочија нивните претставници, е исклучително ниска.

„Вака утврдениот минимален надомест, индиректно е во интерес на сите. Очекуваме да биде причина хотелиерите и угостителите сами да се пријават и да го плаќаат. Два денара од ноќевање или вкупно 200, 500 па и 1.000, е најмалиот трошок што еден ресторан, бар или кој било друг угостителски објект го плаќа“, рече потпретседателката на Здружението Соња Бибановска по потпишувањето на Договорот, укажувајќи дека дневница на келнер за еден ден е 1.500 денари.

Според Бодан Арсовски, извршен директор во ММИ, воведувањето, но и почитувањето на тарифите потврдува дека музичките уметници во земјава веќе се третираат по сите европски и светски стандарди.

„Сите членки на Здружението за угостителство се должни да достават податоци колку ноќевања реализирале или колкава е површината на локалите врз основа на што се утврдува цената согласно тарифникот за користење фонограми и снимени изведби“, објасни Арсовски.

Договорот предвидува локалите со површина до 50 метри квадратни да плаќаат вкупно 90 денари месечен надомест, оние со површина од 50 до 100 метри квадратни 144 денари, а најголемите, со над 100 метри квадратни, 270 денари.

Угостителите кои не се членки на Здружението при Стопанската комора ќе плаќаат речиси трипати повеќе, по 1 евро од бод.

Се проценува дека во Македонија има околу 8.000 кафетерии, барови, ресторани, локали.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП