3 мај, 2024
ПочетнаНАЈНОВИ ВЕСТИЧудните патенти на Google

Чудните патенти на Google

google patenti

„Google“ главно заработува пари од онлајн пребарувачот, иако во теорија концернот би можел да добива повеќе од многубројни чудни патенти, пишува германскиот весник „Ханделсблат“.

Контактни леќи.

Веројатно најпознати се дигиталните контактни леќи, патентирани од „Google“. Тие би требало да можат да прават слики и да им помагаат на дијабетичарите да го контролираат нивото на крвниот шеќер. Пронаоѓачите од лабораториите на „Google“ тестираа прототипи на контактните леќи кај кои помеѓу двата слоја се ставени сензор и минијатурен радио чип.

Леќите го мерат нивото на гликозата во солзната течност секоја секунда и ги емитуваат податоците на соодветната апликација за смартфони. Претстои прототипот да помине голем број на клинички испитувања.

Кју Ар (QR) кодови за самоуправувачки автомобили.

„Google“ развива самоуправувачи автомобил веќе четири години и наскоро автомобилот ќе може да се движи по улиците – без волан и педали за гас или сопирачките. Кју Ар (QR) кодовите се развиени и патентирани од компанијата, а ќе му помагаат на автомобилот да се ориентира подобро и да го наоѓа најблиското слободно место за паркирање.

Гласовно пребарување.

Патентот за гласовно пребарување е од постарите, од 2001-ва година.

Препознавање на лица.

Технологијата која пред неколку месеци предизвика силно негодување кај „Facebook“, одамна е патентирана од „Google“. Во 2010-та година компанијата ја брани идејата за препознавање, која првично ја тестираше со лица на познати личности кои системот ги поврзува со имиња. Пронаоѓачите правеле обиди со лицата на Бред Пит и Анџелина Џоли, Барак Обама и Бритни Спирс меѓу базата на податоци со 30.000 познати имиња. „Google“ одамна патентираше и препознавањето на лица со помош на социјалните мрежи, но не сака да ја користи технологијата во интернет пребарувачот.

Препознавање на гестови.

„Google“ го патентираше и распознавањето на гестови и тоа уште во 2011-та година. Преку гестови корисникот на високотехнолошките очила на компанијата може да ги посочи објектите кои се важни, како и да избере дел од сликата.

Пребарување преку гестови.

Барањето на значење на некој поим во смартфонот или таблетот, треба да се изврши со трпение – прво да се копира зборот од текстот и потоа да преведе или да се воведе во Википедија. При тоа, не е секогаш лесно да се означи вистинскиот збор. Поради оваа причина „Google“ го патентираше ова пребарување преку „континуирани гестови“. Идејата е дека кога корисникот ќе го прочита концептот во статија што сака да провери на Википедија, треба со прст да испише „W“ на екранот или „G“ за пребарување со „Google“, а потоа само да го вметне предметниот збор.

Заклучување на екранот според средината.

Во дома на каучот смартфонот да се отклучи само со еден допир, а во градскиот транспорт или во кафуле да е потребно воведување на сложен код. Така би можело да изгледа заклучувањето на екранот според средината, изум патентиран во 2012-та година.

Заштита од крадци на дигитални очила.

Дигиталните очила на „Google“ се скапа играчка, кои би можеле да примамат многу крадци. За да ги направи помалку привлечен плен, концернот разви заштита против кражби, која вклучува модел на движењата, како и анализа и препознавање на лицето кое е сопственик.

Исто така се патентирани и препознавање на сопственикот преку гласовен запис, пулс, фреквенција на дишењето, отпечаток од прст, ирис, ретина и зеница. Ако неколку показатели не се совпаѓаат (на пример, говорот и зеницата) очилата се самозаклучуваат. Патентот исто така предвидува при кражба на очилата да се активира аларм и веднаш да се направи врска со полицијата, како и можност за самоуништување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП