Тимот на Ливерпул подготвува понуда за напаѓачот на Барселона, Алексис Санчез вредна 27 милиони фунти, тврди англискиот печат. Според информациите интерес кон Чилеанскиот репрезентативец манифестира и најголемиот противник на „црвените“ – Манчестер Јунајтед.
Се проценува дека новиот тренер на „црвените ѓаволи“, Луис Ван Гал, сака да го засили нападот во обид да го врати тимот во топ 4 во Премиер лигата во следната сезона.
Санчез беше еден од најдобрите фудбалери на Барса во минатата сезона и запиша 19 гола и 10 асистенции на 34 натпревари во Ла Лига. Во моментов тој учествува со тимот на Чиле на Светското првенство во Бразил.
На Островот тврдат дека скаути на Ливерпул го гледале во живо на првиот натпревар на националниот тим во група „Б“ против Австралија. Поранешната ѕвезда на Удинезе го отвори резултатот против „кенгурите“ во 12-тата минута, а потоа му асистираше на Хорхе Валдива кој го удвои водството на Чиле на патот кон победата со 3:1 во петокот.
Запознаени со случајот откриваат дека е многу веројатно да се дојде до трансфер, бидејќи цената која тимот од „Камп Ноу“ ја има поставено на Алексис Санчез е 20 милиони фунти, а од „Енфилд“ нудат доста над таа сума.
Чилеанецот е поврзуван и со враќање во Италија, каде го сака актуелниот шампион Јувентус. Од „Старата Дама“ сепак се подготвени да платат само 16,5 милиони фунти за 25-годишното крило, што има договор со Барселона до 2016-та година.