25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМакедонија со убедлив триумф против Грција го потврди учеството на СП

Македонија со убедлив триумф против Грција го потврди учеството на СП

mkd

Со две победи во баражот против Грција, репрезентацијата на Македонија обезбеди пласман на Светското ракометно првенство што во 2015 година ќе се одржи во Катар. По 27:25 во Атина пред осум дена, вечерва резултатот беше 35:23.

„Црвено-жолтите“ во СЦ „Борис Трајковски“ силно бодрени од шестилјадната публика почнаа многу мотивирано и по само десетина минути игра имаа плус седум, а некаде на половина од првите 30 минути разликата беше двоцифрена (13:3).

Капитенот Кире Лазаров раководеше со нападот, реализираше и асистираше, а голманот Борко Ристовски со своите одбрани ги откажуваше противничките ракометари.

Следуваше период на рамноправна игра. Селекторот Ивица Обрван им даде шанса на резервистите кои ја задржаа високата предност до полувремето (19:9).

Во второто полувреме се играше атрактивно на двете страни, Македонија од минута во минута ја зголемуваше разликата.

Нашите репрезентативци реализираа, Никола Митрески на голот достојно го замени Ристовски. Семафорот во 44.минута покажуваше 26:12 или до тој момент максимални плус 14. До крајот македонските ракометари одиграа рутинирано, ја задржаа високата предност и заедно со навивачите го прославија големиот успех –
пласманот на уште едно големо натпреварување.

Лазаров со 10 погодоци беше најефикасниот во нашата репрезентација. Гоце Георгиевски и Немања Прибак запишаа по четири реализации, Дејан Манасков и Ренато Вугринец погодија три пати.

Од европската зона учество на Мундијалот 2015 вчера обезбедија репрезентациите на: Австрија, Русија, Чешка и Полска.

Резултати на реваншите на денешните баражи: Шведска – Романија 27:21 (25:24 прв натпревар), Белорусија – Црна Гора 30:24 (27:28), Словенија – Унгарија 32:26 (22:25) и Исланд – Босна и Херцеговина 29:29 (32:33).

Според овие резултати денеска, покрај Македонија, пласман во Катар обезбедија Шведска, Белорусија, Словенија и БиХ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП