8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурски бизнисмени заинтересирани за инвестиции во железницата

Турски бизнисмени заинтересирани за инвестиции во железницата

mk zeleznica

Турски компании од областа на градежништвото, производството на машини и челични конструкции, рударство, автомобилската, прехранбената и текстилната индустрија од Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСАИД) од градот Сакарија денеска се на бизнис средби во Стопанската комора на Македонија.

Целта е воспоставување деловни контакти со македонски компании од различни стопански дејности за трговија, инвестирање и заеднички настап на трети пазари.

„Претставниците на 13-те фирми присутни на бизнис-форумот доаѓаат од познати компании од Сакарија. Свесни сме дека има многу голем потенцијал за соработка меѓу двете земји и токму затоа сме тука за да откриеме што во иднина може да се направи за да се подобри соработката. Ги испитуваме можностите за инвестирање во Република Македонија, а наша цел е да видиме дали може тука да најдеме партнери со кои во иднина ќе може да работиме заедно“, изјави Халит Инчи, претседателот на МУСАИД.

Тој рече дека Сакарија е индустриски град со годишен извоз од 4 милијарди американски долари со кој се остварува околу една третина од вкупната размена на Турција со Македонија.

„Желба ми е од денешните средби да произлезе конкретна соработка со македонските компании“, нагласи Инчи.

Илхан Ак, сопственикот на „Акчелик производи“, компанија за производство на товарни железнички вагони и транспортни возила за воздушен сообраќај рече дека е заинтересиран за инвестирање во железничкиот сообраќај во Македонија.

„Железничкиот сообраќај секогаш има потенцијал за развој и ние гледаме таков потенцијал и во Македонија. Јас ги претставувам сите фирми од Сакарија кои овозможуваат модернизација и олеснување на сообраќајот за транспорт на стоки. Годишно имаме обрт од околу 700 милиони долари и сме заинтересирани да видиме какви инвестиции би можеле да направиме во Македонија. Се надевам дека средбите ќе вродат со плод“, изјави Ак.

Софче Јовановска од Стопанската комора на Македонија потенцира дека денешната посета на турските бизнисмени претставува продолжеток на досегашната успешна соработка со компаниите од Турција.

„Многубројните посети на бизнисмените од Турција се одговор на потребата на нашата економија за интернационализација на поширокиот регион за заеднички настап не само во регионот на Балканот, туку и на Блискиот исток“, изјави Јовановска.

Таа посочи дека во првиот квартал од годинава забележан е раст од 20 отсто на трговската размена меѓу Македонија и Турција. Размената изнесува околу 152 милиони американски долари од кои 26 милиони се извоз од Македонија, а 126 милиони увоз од Турција.

Лани размената меѓу Македонија и Турција изнесуваше 380 милиони долари што е малку повеќе во однос на претходната година.

Турција е и еден од поголемите инвеститори во Македонија. До 2011 година турските инвестиции во земјава беа околу 180 милиони долари, а со доаѓањето на Џевахир холдинг се зголемија за 500 милиони долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП