2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗголемен бројот на сертификати за акредитација

Зголемен бројот на сертификати за акредитација

den akreditacii

Бројот на поднесени пријави за акредитација и доделени сертификати минатата година е зголемен, а во Агенцијата за акредитација, која денеска го одбележа Светскиот ден на акредитацијата, очекуваат овој тренд да продолжи и во иднина.

Според годишниот извештај на Агенцијата, заклучно до април годинава вкупно 138 тела добиле оцена на сообразност. Од нив, 14 се стекнале со нови сертификати, а на 17 им е реакредитирана оценката на сообразност.

„Без разлика за кој општествен сектор се работи, дали е тоа јавниот или пак приватниот сектор, акредитацијата е реалност на современиот и модерен свет. Република Македонија мора да се движи во таа насока и покрај тоа што во принцип акредитацијата е на доброволна основа и не е обврзувачка, таа е потребна за една здрава и конкурентна економија, за една слина и напредна Македонија“, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски на одбележувањето на Светскиот ден на акредитацијата.

Тој нагласи дека добивањето на соодветни сертификати е од исклучителна важност за домашните компании и за странските инвеститори, а особено е значајно за извозно-ориентираните фирми кои со ова стануваат поконкурентни на странските пазари.

Осврнувајќи се на акредитацијата во јавниот сектор, Ристовски посочи дека од 80-те лаборатории опремени во рамки на владиниот проект за опремување на лаборатории за научно-истражувачка дејност, 42 треба да се акредитираат. Од нив, пет веќе ја завршиле процедурата, а најголем дел од останатите се во фаза на акредитирање.

Директорот на Агенцијата за акредитација Трпе Ристоски нагласи дека акредитацијата има клучна улога за обезбедување на квалитет на производите и на разните видови услуги, а воедно е и извозна дозвола за нивни пласман на странските пазари.

Според директорот на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, електричната енергија е најважен фактор за економскиот развој на една земја, а системот на акредитацијата им овозможува на енергетските компании да се приклучат кон современите технолошко-развојни трендови.

На одбележувањето на Светскиот ден на акредитацијата беа доделени 32 сертификати на акредитирани и реакредитирани тела за оцена на сообразност во периодот од јуни 2013 до мај 2014.

Годинава, Светскиот ден на акредитацијата се одбележува под мотото „Акредитацијата во контекст на обезбедување на доверба во снабдувањето со енергија“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП