5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПроект „Мое нај месо“: Пилешкото од ЕУ безбедно, без хормони

Проект „Мое нај месо“: Пилешкото од ЕУ безбедно, без хормони

chickenf43iu7tu895yt54

Заблуда е дека пилешкото месо содржи хормони. Се производува по сите стандарди, има висока хранлива вредност, малку маснотии, безбедно е, здраво, еколошки и економски исплатливо. Претставува природна, функционална храна која на пазарот се нуди по пристапни цени, брзо и лесно се подготвува, на најразлични начини, а консумацијата не е ограничена со какви било религиски бариери.

Ваквите карактеристики, велат експертите, му даваат огромна предност, а тоа е причина за постојано зголемување на побарувачката. Моментно во Европа се трошат до 22 килограми пилешко по жител со тенденција на натамошен раст. Македонците јадат 17,3 килограми, Босанците 11,5, Србите и Црногорците по околу осум килограми.

Поради економската природа, обработката на живинско месо е меѓу најперспективните во прехранбената индустрија. Воедно, софиситицираноста на производството не ја оптоварува животната средина. Во процесот се трошат 4 до 8 пати помалку ресурси, вода, добиточна храна, енергија, рече Томи Румпф од „Перутнина“ Птуј на денешната прес-конференција по повод проектот „Квалитетно, безбедно, следено – живинско месо со потекло од ЕУ“.

За да се добие еден килограм пилешко потребни се помалку од 1,8 килограми храна, додека за еден килограм говедско и свинско, осум, односно три килограми. По испилувањето, пилето тежи 40 грама, три дена подоцна двојно се зголемува, за една недела дури пет пати, а за еден месец 38 пати.

Како што истакна Славко Фицко од Месната индустрија на Словенија, потрошувачите треба да знаат дека речиси 100 проценти од европското живинско месо е произведено по системот за квалитет, безбедност и следливост (КБС).

Тоа значи дека живинското месо одгледувано надвор од овој систем не доаѓа на трпезата на потрошувачите, напомена Фицко.

Пилешкото месо е главен извор на протеини чиј профил е оптимален, ги содржи сите есенцијални аминокиселни. Хормони нема, но поради погрешната или недоволната информираност, купувачите често ги клукаат своите деца со соја и слични продукти како наводна замена без притоа да знаат дека токму тие изобилуваат со фитоестрогени.

Хормоните и пилешкото се стара приказна, од почетокот на индустриското производство на живина. Денес, секој на социјалните мрежи си дозволува да креира јавно мислење, повикувајќи се на нерелевантни интерент извори. Хормоните се теролабилни и затоа се препорачува, при секоја термичка обработка на месото, првата вода да се фрли, посочи проф. д-р Драгослав Коцевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Македонија увезува околу 36.000 тони пилешко месо од кои 4.000 со словенечко потекло.

Истражувањата покажуваат дека 29,7 отсто од нашите потрошувачи купуваат цели пилиња, а 45,50 проценти се одлучуваат за делови, батаци, стекови, крилца.

Проектот „Квалитетно, безбедно, следено – живинско месо со потекло од ЕУ“ ќе се спроведува следните три години во Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора и Косово. Целта е да ги убеди потрошувачите дека пилешкото месо се произведува по сите стандарди, дека е квалитетно, безбедно и здравствено исправно. На порталот www.moenajmeso.mk ќе може да се информираат за законите, прописите и постапките кои се применуваат во жиниската индустрија, како и за шемите на квалитет. Воедно, љубителите на добра храна ќе може да најдат бројни, корисни и интересни совети за подготовка на вкусни јадења со пилешко.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП