3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХрватска сака со американска помош да стане енергетски центар на Балканот

Хрватска сака со американска помош да стане енергетски центар на Балканот

Flag-Pins-USA-Croatia

По кризата во Украина, САД на Балканот ќе се фокусираат на отворање нови канали за снабдување со енергенси, со цел да се намали зависноста на регионот од рускиот гас, изјави хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој денеска се сретна со американскиот потпретседател Џо Бајден.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Хрватска се надева дека ќе добие американска поддршка за изградба на терминал за втечнување на природен гас на својот брег на островот Крк, по што преку неа ќе може да се врши увоз на природен гас од САД или од други делови на светот пренесен со специјлани танкери.

– Јасно е дека САД уште од самиот почеток ја прифатија таа идеја за енергетска независност. Најголема помош која што можат да ни ја дадат е преку нивните компании кои се најуспешни во бизнисот со гас. Тој интерéс постои и тоа е причината што одам во Тексас на средби со најголемите нафтени компании за кои во овој бизнис нема никакви тајни. Во подготовката на мојата посета на Тексас, клучна беше одличната соработка со Владата, која ги подотви сите материјали и тендерот кој е во тек. Сакам да и истакнам на хрватската јавност, но и на другите, дека новата енергетска ситуација е дека Хрватска е можен центар и место за увоз на енергија во Европа, изјави Јосиповиќ.

Хравтскиот претседател по посетата на Вашингтон патува во тексашкиот главен град Хјустон, каде идејата за промовирање на Хрватска во регионален енергетски центар ќе ја претстави пред нафтените бизнисмени од Петролеум клубот.

– Фактот што постојат нови наоѓалишта на нафта и гас во Јадранот, може да биде нов момент во иднината на Хрватска, што мораме да го искористиме. Од тоа ќе зависи и квалитетот на нашите животи, изјави Јосиповиќ.

И покрај неформалната најава, Јосиповиќ денеска не се сретна со американскиот претседател Барак Обама.

На средбата на Јосиповиќ со Бајден беше најавено дека ќе се разговара и за перспективите на Балканот и очекувањата од септемврискиот самит на НАТО.

Јосиповиќ рече дека немале конкретни разговори и најави за очекувањата од овој самит.

Министерот за одбрана на Хрватска Анте Котромановиќ, зборувајќи за можноста за прием во НАТО на Црна Гора на септемврискиот самит, рече дека во пресрет на самитот владее претпазливост по прашањето на проширувањето, и дека тој лично, не е голем оптимист.

Јосиповиќ, од своја страна додаде дека на средбата во Белата куќа, не се зборувало за загриженост од ширењето на руското влијание во регионот на Балканот, туку напротив, Хрватска настапила со оценка дека со Русија мора и натаму да се соработува.

– Хрватска ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО и не е никаква тајна дека ние се залагаме сите земји од регионот, со исполнувањето на условите, што поскоро да се најдат во НАТО и во Европската Унија. Конкретно не зборувавме за сите земји, но клучниот збор беше одговорност. Тогаш кога повеќето членки ќе бидат задоволни дека одговорноста која произлегува од членството може да биде задоволена во секоја од земјите, тогаш ќе бидат подготвени сите земји кои се заинтересирани да бидат примени во НАТО и во Европската Унија. Притоа да истакнам уште еднаш дека сите земји од регионот ја имаат нашата
поддршка. Општо зборувавме од потребата да се соработува и со Русија, тоа е земја со која треба да се соработува, но секако некои влијанија кои се негативни треба да се превентираат. Ние секако се залагаме за почитување на меѓународното право, суверенитетот на државите, демократското право на народите во одделни земји да решаваат за својата судбина, но секако тука е и соработката и ние како и сите земји во светот, сакаме да соработуваме и со Русија, врз основа на начелата за кои зборував тука, изјави Јосиповиќ.

За хрватската иницијатива за промовирање на европските преговори на блокираната Босна и Херцеговина, Јосиповиќ рече дека оваа земја треба да спроведе уставни реформи, да стане функционална држава и да го поедностави внатрешното уредување, како и да се одрази фактот дека во БиХ не живеат само претставници на трите најголеми народи.

Но, воедно, претседателот на Хрватска рече дека не е негова работа да ги врши внатрешните промени во БиХ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП