27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААХВ ја официјализира соработката со СКСЗМ

АХВ ја официјализира соработката со СКСЗМ

runtevskikucik94ujtj3

– Нелојалната конкуренција и брзите промени на законите се најголемиот проблем на компаниите членки на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). Тие денеска потпишаа Меморандум за соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кој, меѓу другото, предвидува редовно консултирање пред секоја измена на правните регулативи или носењето нови решенија.

Согласно Меморандумот, чие потпишување го иницира Агенцијата, компаниите ќе бидат и континуирано информирани за нивните обврски при прометот со храна, а еднаш месечно, на средби во Агенцијата, ќе може да ги изнесуваат своите проблеми.

– Договорот е долгогодишна инвестиција во обезбедување и подигнување ново ниво на заштита на здравјето на луѓето, односно потрошувачите преку редовна соработка во делот на разгледување на законската регулатива пред нејзиното донесување со цел добивање мислења од Комората, едукација на членките за запознавање со законските обврски, како и организирање средби за да се дискутираат проблемите, превенираат и решаваат, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски по потпишувањето на Меморандумот.

Со официјализирањето, додаде, само ќе се интензивира веќе воспоставената одлична соработка меѓу Агенцијата и Комората.

– Законите многу брзо се менуваат за што компаниите често немаат доволно информации. Тоа ги доведува пред свршен чин најмногу при транспортот на стока на граничните премини, а има чувствителни производи кои не трпат чекање. Сепак, секогаш сме имале разбирање од Агенцијата за храна која ни излегувала во пресрет, изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Мендерес Кучи.

Според него, денешното потпишување на Договорот е со цел хармонизирање на потребите и барањата на компаниите членки, како и чекор напред кој ќе надмине многу нејаснотии.

АХВ досега има потпишано Меморандум за соработка и со Стопанската комора на Македонија, а тоа, најави директорот Рунтевски, планира да го стори и со Сојузот на стопански комори. Идејата е да се опфати целиот бизнис сектор за негово полесно прилагодување и исполнување на обврските во делот на безбедноста на храната.

Рунтевски соопшти и дека веб страницата на Агенцијата наскоро ќе биде преведена на албански јазик.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со синоќешната акција на МВР, Рунтевски истакна дека е приведен еден вработен во Агенцијата за ветеринарство поради наводна злоупотреба на положба во делот издавање субвенции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП