2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо сертификација на шумите против бесправна сеча

Со сертификација на шумите против бесправна сеча

drva22

Македонија одржливо управува со шумите, но се задржува само на економскиот аспект, користење дрвна маса. Останатите два, еколошкиот и социјалниот, ги занемарува, велат експерите.

Според нив, од шумите не треба да добиваме само дрвна маса, туку и печурки, мовови, лишаи, габи, недрвни шумски производи кои се исто така многу значајни како ресурси.

– За тоа кај нас постојат само иницијални чекори. Се уште не се оди сериозно во таа насока. Еколошкиот и социјалниот аспект се занемарени зашто перцепцијата на шумите за водите, воздухот, почвите е на многу ниско ниво. Ниту се плаќа т.н. зелен данок, ниту има каква било фаза иницијација во тој правец. Мислењето на локалното население, пак, кое живее во близина на шумите речиси воопшто не постои, изјави професорката Македонка Стојановска од Шумарски факултет пред денешниот семинар за значењето од сертифицирање на шумите.

Од домашните шуми кои речиси 90 отсто се државни, скоро 30 проценти се високостеблени, погодни за производство на мебел. Од нив, пак, согласно динамиката во последните години, 18 до 20 проценти одат во стовариштата и фирмите.

– Со сертификацијата треба да се опфатат високостеблените шуми што е приближно 290.000 хектари. Нискостеблените се користата за огрев и оттука нема економска потреба или оправданост за нивно сертифицирање, појасни професорката.

Сертификацијата, додаде, освен што зборува за квалитетот, претставува и мерка за заштита од бесправна сеча. Европската унија го иницира овој процес токму за да ја спречи нелегалната сеча. Сертифицирањето на шумите е доброволно, но исклучително комплексно.

Ниту една земја нема обврска да го спроведе. Може само ако сака. Ги опфаќа семето, садниците, шумите, управувањето,…до финалниот производ.

– Македонски шуми во неколку наврати направи обид да обезбеди средства за сертификација на шумите. Еден од нив е со кластерот за дрвна индустрија, Министерството за земјоделство и Шумарскиот факултет. Станува збор за повлекување средства од претпристапните фондови на ЕУ. Проектот треба да добие разрешница идниот месец или во мај, рече Стојановска.

Претпријатието располага со 230.000 хектари високостеблени шуми, но допрва ќе се прави проценка колку од нив исполнуваат услови за сертификација – да даваат техничка дрвна маса која се пороцесуира и обезбедува елементи за извоз, полупроизводи или производи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП