6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе подобрува регулативата во рударството

Се подобрува регулативата во рударството

BORIS TADIC

Изработката на законите за геологија и за рударство, како и формирањето нов инспекторат за рударство и нова стратегија и правилник за мерките за заштита при работа беа тема на разговор на денешната редовна средба меѓу Министерството за економија и Македонската асоцијација за рударство.

„Законот за геологија ќе ја опфати областа на деталните геолошки истражувања, а законот за рударство ќе се однесува на делот на експлоатација на минералните суровини. Обврска на новиот инспекторат за рударство ќе биде проверката на рудниците“, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини на паузата на средбата.

Во врска со новата стратегија и новиот правилник за мерките за заштита при работа посочи дека Министерството во иднина ќе се фокусира на што е можно поголема имплементација на европските директиви и најдобрите светски искуства во делот на заштитата при работа.

„Моментално сме во преговори со консултанти од Чешка, Полска и Словенија за да можеме најприфатливото законодавство од овие земји во областа на заштита при работа да го транспондираме кај нас“, рече Сарачини.

Одговарајќи на прашање за последната рударска несреќа во пробиштипскиот рудник за олово и цинк „Добрево“, при која се повредени двајца рудари, Сарачини рече дека денеска се упатени на терен Инспекторатот за техничка инспекција и Инспекторатот за труд за да ги проверат причините за повредата на рударите.

„Инспекторатите веднаш треба да направат анализа и до крајот на денов да ни го достават записникот од кој ќе провериме која е причината за повредите. Доколку тоа е неисполнување на мерките или обврските дадени при последната инспекција во рудникот и доколку се утврди дека одговорноста е во процедурите во тој случај како министер за економија ќе и предложам на Владата да се одземе концесијата и да се затвори рудникот без разлика на последиците по економијата кои би ги имале во иднина“, рече Сарачини.

Тој нагласи дека целта на Владата е секогаш кога ќе констатира дека кој било правен субјект или инвеститор не ги почитува правата на вработените да оди до крај и секој да си ги добие заслужените казни.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов истакна дека во последните десетина години во Македонија интензивно се работи на усовршување на постоечките закони во областа на рударството.

„Со овие закони очекуваме дека ќе се приближиме до создавање подобри и пореални услови за работење на рударскиот сектор кој по 2005 година бележи подем. Се доделуваат огромен број концесии, но работата на концесионерите и добивањето дозволи за експлоатација бара донесување и допрецизирање на многу закони. Ние ќе се вклучиме во нивното донесување со цел законите да бидат што подолгорочни и во нив да биде предвидено се што е нужно за добро на државата, но и за концесионерите и вработените“, рече Николов.

Тој посочи дека примената на новите законски решенија предвидува соодветни финансиски вложувања.

„Мораме тоа да го издржиме, бидејќи без нормативите кои владеат во Европа не можеме да одиме во Европа… Очекувам дека 2014 година ќе биде успешна во сите делови на рударството, а особено кај металичните суровини зашто на повидок е стабилизација на цените на металите“, рече Николов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП