27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОланд против штедење - Камерон за кратење

Оланд против штедење – Камерон за кратење

20130207-200207.jpg

Франција и Велика Британија изнесоа целосно различни предлози во пресрет на дводневниот Самит на Европскиот совет во Брисел, кој ќе биде посветен исклучително на носењето на идниот седумгодишен буџет на Европската унија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј го презакажа почетокот на Семитот од 15:00 за 17:30 часот, со цел низ билатерални средби со лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ да се обиде да постигне согласност за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот од 2014 до 2020 година.

Но, според изјавите на францускиот претседател Франсоа Оланд, на британскиот премиер Дејвид Камерон, и на останатите учесници на средбата дадени пред почетокот на овој, според некои „историски состанок”, до договор ќе се дојде многу тешко.

– Франција секогаш е свесна дека е потребно штедење. Но, во исто време ние не треба да ја ослабиме економијата. Јас сум дојден тука за да постигнеме договор и треба да видиме дали е тоа можно. Ако постојат некои што се неразумни, ќе се обидам да ги разубедам, но до одреден степен. Ако Европа треба да се откаже од заедничката политика, да му нанесе штета на земјоделството и го игнорира економскиот раст и ако има договор за такво нешто, јас ќе бидам против, дециден беше францускиот претседател Оланд.

Наспроти него, пак, Камерон инсистира на намалување на буџетската рамка.

– Она што ние ќе го договараме овде е колку ќе и биде дозволено на Европската унија да троши во следните седум години. Искрено, ниту Унијата не треба да биде имуна на притисоците што сите ги имаме за намалување на трошоците и мора да најде начин да троши ефикасно и мудро. Сето тоа треба да се стори во цела Европа. Кога бевме собрани по истиот повод овде во ноември минатата година, бројките што беа изнесени беа премногу високи. Тие мора да се намалат оти ако тоа не биде сторено, нема да има договор ниту овие два дена, истакна Камерон.

Она што е познато е дека Ван Ромпуј на последниот ваков Самит предложи идниот седумгодишен буџет на ЕУ да изнесува 972 милијарди евра, што изнесува 1,01 проценти од бруто домашниор производ (БДП) во Европската унија. Но, доколку во овој буџет се вметнат и вонбуџетските програми, како што е вселанската програма „Галилео“ и Меѓународниот термонуклеарен експериментален реактор (ИТЕР), тогаш сумата во предлог-буџетот се искачува до 1,011 билиони евра, што е за 80 милијарди помалку од предлогот на Европската комисија.

Но, сега се очекува првиот човек на Советот да го намали буџетот за уште 20 до 30 милијарди евра, што пак е неприфатливо за Европскиот парламент.

Претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц попладнево прв ќе се обрати на состанокот и тој веќе најави дека на лидерите ќе им пренесе дека ЕП ќе стави вето на предлог што ќе биде помал од она што последно го понуди Ван Ромпуј.

Германската канцеларка Ангела Меркел беше умерена и воздржана. – Се среќаваме денес и утре во Брисел со цел да постигнеме договор за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) што потоа ќе му ја предложиме на Европскиот парламент. Дали ќе се договориме, засега не сум сигурна оти се уште има различни мислења. Од германска гледна точка, јас велам дека ќе сториме се за да дојде до договор, бидејќи сегашната финансиска несигурност и невработеност значат дека планирањето е многу важно и мора да бидеме внимателни со трошоците и да се обезбеди солидарност меѓу нето-придонесувачите и земјите што добиваат. Се надевам дека ќе најдеме заедничко решение, изјави Меркел.

Помалите земји од т.н. Кохезиска група. што повеќе добиваат отколку што придонесуваат во Буџетот на ЕУ, преку изјавата на бугарски опремиер Бојко Борисов порачаа дека ќе бараат не намалување, туку зголемување на помошта што ја добиваат од Брисел.

– Државите што имаат буџетска дисциплина како Бугарија пројавуваат солидарност кон другите држави кои не сакаат повеќе пари. Ние сакаме и усвојуваме европски фондови што се добри за сите европски држави, а со цел изградба на инфраструктура, помош во екологија, административен капацитет, што одговара на стратегијата на сите големи држави за поврзување на Европа со Азија. Бугарија е земја што најмалку дава, а најмногу зема и наша цел е да добиеме малку повеќе од тоа што го имаме сега како финансиска рамка, порача Борисов.

Аналитичарите проценуваат дека има мали шанси лидерите на земјите-членки на Унијата да постигнат договор на овој Самит, што ќе ја направи ситуацијата сериозна, бидејќи ќе се создаде временски теснец за усвојување на идниот седумгодишен бџует и во идната година би се влегло без буџет, што би можело да биде опасно за ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП